Handan Kazancı
06 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Ибрахим Калин, портпарол на кабинетот на турскиот претседател, соопшти дека претседателот Реџеп Таип Ердоан ги повикал сите лидери на земјите од Организацијата за исламска соработка (ОИС), на вонреден самит, за да утврдат единствен став и координација на исламскиот свет, наспроти американскиот план за признавање на Ерусалим како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вонредниот самит на лидерите на ОИС ќе биде одржан в среда наредната недела, 13. декември, во Истанбул, а домаќин е нашиот ценет претседател“, изјави Калин.
ОИС собира 57 земји од исламскиот свет, а непосредно пред свикувањето на вонредниот самит, турскиот претседател телефонски разговараше со лидерите на Малезија, Тунис, Иран, Катар, Саудиска Арабија, Пакистан и Индонезија.
Според најавите од Белата куќа, американскиот претседател денес треба да се обрати пред јавноста, кога според планираното, ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел и ќе нареди почеток на подготовките за преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Портпаролот на турскиот претседател на денешната прес-конференција изјави дека САД би требало да се откажат од таа голема грешка и потсети на претходното предупредување на Ердоган дека Ерусалим е црвена линија за муслиманите.
„Ерусалим треба да го сочува актуелниот статус. Точно е дека мора да се преземат мерки за да се спречи погрешното претставување на Ерусалим како израелска сопственост“, изјави Калин и додаде дека Ердоган и понатаму ќе се залага и ќе го поддржува палестинското прашање.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Сирија, Калин изјави дека САД и понатаму ги вооружуваат и ги поддржуваат терористите на ПКК/ПЈД, иако Трамп вети дека ќе ја запре таа поддршка. Тој додаде дека однесувањето на САД е неприфатливо.