Abdullah Aşıran
13 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
РОТЕРДАМ (АА) - Жртва на полициското насилство во Ротердам беше и пензионираниот холандски војник Халил Ибрахим Курт, кој за Anadolu Agency (AA) раскажа за она што му се случувало во саботата, кога со неговиот брат Хусеин Курт заминал на протест во знак на поддршка на турската министерка за семејна и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, јавува Anadolu Agency (АА).
Двајцата биле удирани по целото тело, а Хусеин Курт бил нападнат и од полициски пес.
Халил Ибрахим изјави дека во моментот кога дошле пред зградата на конзулатот на Турција во Ротердам, холандската полиција ги затворила излезите и пред да разберат што се случува, полицијата ги нападнала.
Тој вели дека полицијата со палки му нанела повреди по целото тело.
„Притоа, откако мојот брат од силните удари падна на земја, полицијата пушти и пес“, се присети Курт.
Тој додава дека притоа добил удар во тилот, по што изгубил свест и паднал на земја.
„Се онесвестив и не се сеќавам што се случи подоцна. Во болницата се освестив. Брат ми и јас бевме во иста соба, а по укажаната лекарска помош, бевме пуштени од болница“, изјави Курт.
Холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејна и социјална политика на таа земја, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија, како и да се состанат со турската заедница во Холандија. Во придружба на полицијата, Каја е вратена во Германија, од каде што вчера се врати во Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција претходно го осуди спречувањето на посетата и побара амбасадорот на Холандија, кој моментално се наоѓа на одмор, извесно време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во саботата, со употреба на сила ја растера толпата граѓани кои протестираа против задржувањето на возилото на министерката Каја, но протестите на улиците на Ротердам продолжија.