Ekipa
18 Февруари 2018•Ажурирај: 19 Февруари 2018
МИНХЕН (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денес го осуди меѓународниот договор за нуклеарна програма на Иран, истакнувајќи дека договорот го охрабрил Техеран да стане поагресивен во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Нетанјаху, во продолжението на Конференцијата за безбедност во Минхен, рече дека „договорот го ослободи опасниот ирански тигар во регионот и пошироко“.
Познат по критикувањето на договорот, кој 2015 година Иран го постигна со светските сили, Нетанјаху го спореди со Минхенскиот договор од 1938 година, кој Западните сили го постигнаа со Адолф Хитлер, со кој беше решена Судетската криза.
„Концесијата само го охрабри нацистичкиот режим. Наместо да изберат пат кој можеше да ја спречи војната, овие лидери ја направија војната за неизбежна и далеку поскапа“, изјави Нетанјаху.
Тој рече дека дронот, за кој тврди дека е ирански, минатата недела го наруши израелскиот воздушен простор и дека со неговото соборување Израел покажал дека Иран не треба да ја тестира нивната одлучност.
Нетанјаху изјави дека ако треба Израел ќе дејствува против Иран, а не само против неговите сојузници на Блискиот Исток.
„Израел нема да му дозволи на иранскиот режим да ја стави јамката на теророт околу вратот“, рече Нетанјаху.
Официјален Техеран негираше дека беспилотното летало е нивно.