Erkan Avci,Gülbin Yıldırım
13 Јануари 2016•Ажурирај: 13 Јануари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама синоќа во америкнскиот Конгрес го одржа своето последно традиционално обраќање во јавноста за состојбата на нацијата, во текот на кое го повика Конгресот на заедничка работа со цел САД да бидат што посилна и постабилна држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Мандатот на Обама во Белата куќа истекува оваа година, па обраќањето на Конгресот и започна со шега дека ќе се обиде последниот говор за состојбата на нацијата да биде пократок од оние претходните години.
Економијата, надворешната политика, борбата против тероризмот и американските вредности беа главна тема на едночасовниот говор на Обама, а истакна дека американската економија во текот на неговиот мандат остварила големи успеси во текот на неговите седум години од престојот во Белата куќа.
"Верувам во промените бидејќи верувам во вас. И затоа стојам овде поуверени од било кога дека нашата нација е посилна", кажа Обама и за неосновани ги оцени критиките на политичките опоненти кои тврдат дека американската економија назадува.
Смалувањето на невработеноста за 50 отсто и намалувањето на буџетскиот дефицит за три четвртини се сметаат за едни од најголемите успеси на администрацијата кога е во прашање економијата.
"САД моментално има најсилна и најстабилна економија во светот. Оние кои тврдат дека бележиме економски пад само продаваат магла", рече Обама.
Обама најави дека оваа година ќе вложи големи напори во реформите на образовниот систем, што вклучува и намалување на цената на високо образование и воведување на бесплатно двегодишно високо образование, со што изнуди овации во Конгресот, воглаво од оној дел резервиран за пратениците од редот на демократите.
Најави и неопходно зајакнување на секторот на социјална сигурност во САД, вклучувајќи и воведување на реформи во здравственото осигурување во јавноста познати како „Obamacare“, кое би донеле здравствено осигурување за дополнителни 18 милиони американци.
"Борбата против сиромаштијата е нешто на што посветивме и посветуваме голема важност. Во тој контекст сакам да ја уверам нацијата дека оваа влада не им служи на интересите на големите компании и богатите", порача Обама. Истакнувајќи дека е неопходно да се создадат услови за да се чуе гласот на работниците и малите и средни стопанственици, Обама рече дека до финансиска криза не донесоа пропустите во исхраната, туку немарноста на "Wall Street".
Додаде дека мигрантите не предизвикаа пораст на цените, туку одлуките на управните одбори за среднорочни и долгорочни профити, богатите кои го избегнуваат данокот, а не просечните семејства. Оваа изјава наиде на најгласни овации во Конгресот.
Посебно внимание на јавноста привлече изјавата на Обама за покренатата иницијатива за развивање на лекот за карцином, на чело на која се наоѓа американскиот потпретседател Џо Биден, чиј син минатата година почина од карцином на мозокот.
"Биден минатата година изјави дека САД ќе можат да го развијат лекот против карцином, исто како што успеавме да стигнеме на Месечината. Минатиот месец напорно работеше со Конгресот со цел на Институтот за здравје да му го обезбеди најголемиот буџет во изминативе 10 години. Вечерва објавувам дека започнавме национална иницијатива за остварување на таа цел и на чело го именувам Биден, кој изминативе 40 години се бореше против таквата болест и бројни други проблеми", рече Обама.
Најави дека во наредниот период ќе продолжи со работа на решавање на прашањата за реформи на законот за миграција, зголемувањето на минималната плата, работничките права на жените и борбата против оруженото насилство во САД.
"САД е најсилна нација на светот. Точка", рече Обама, говорејќи за надворешната политика и додаде дека сите истражувања укажуваат на пораст на респектот и довербата на светската јавност кон САД.
Првиот човек на САД рече дека кога имаат големи проблеми луѓето во светот не гледаат на Пекинг, ниту на Москва како лидери, туку гледаат во Вашингтон. Истакнувајќи дека коалицијата за борба против ДАЕШ извела над 10.000 воздушни напади на терористичките упоришта и им нанела големи загуби, Обама рече дека ДАЕШ се обидува лажно да се претстави како претставник на една од најголемите светски вери и порача дека не смее да се наседне на таа подвала и да се оддалечува од важните сојузници.
Потсетувајќи на постигнатиот договор за нуклеарниот спор со Иран, Обама рече дека САД и понатаму ќе ги предводи напорите на меѓународната заедница за воспоставување на траен мир во Сирија.
Обама посебно се осврна на анти-муслиманската реторика на републиканскиот претедент за претседателски кандидат Доналд Трамп. Не изговарајќи го неговото име, Обама ја повика нацијата да ја одбие секоја политика кој е насочена против луѓето врз база на нивната национална, верска или расна припадност.
"Нас не нè прави побезбедни тоа ако некои политичари ги навредуваат муслиманите, џамиите или исмејуваат некое дете. Тоа е погрешно и само нè деградира во очите на светот, ни отежнув во остварувањето на интересите", заклучи Обама.