Tanju Özkaya
12 Октомври 2018•Ажурирај: 14 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - ТАНЖУ ОЗКАЈА - Anadolu Agency (AA) вчера се здоби со нови снимки од масакрот врз цивилите што пучистите го извршија за време на неуспешниот обид за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО. Снимките покажуваат и брутално убиство на цивил во оклопно возило, а откриено е дека се работи за Јусуф Челик, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за снимки на кои се гледаат пучистите кои за време на обидот за пуч го окупираа седиштето на Генералштабот на Турската војска.
Надзорните камери во комплексот на Генералштабот го снимија и моментот кога пучистите убиваат еден цивил во оклопно возило. Идентитетот на убиениот цивил е откриен, а станува збор за Јусуф Челик.
Снимките се сместени и во доказниот материјал во судскиот процес што го води 17. Кривичен суд во Анкара. Се работи за процес поврзан со окупацијата на Генералштабот за време на пучот.
Пучистите за време на окупацијата на Генералштабот користеле тенкови и оклопни возила со кои го блокирале влезот во комплексот.
На снимката може да се види како пучистите од оклопното возило отвораат оган врз цивилите, кои во тој момент се наоѓаат на улица.
Може да се види и Јусуф Челик, кој дава знак со раката и ги повикува останатите цивили да го следат, а потоа се движи токму кон оклопните возила.
Пучист на оклопното возило потоа отвора оган и го погодува Челик во пределот на градите. Останатите цивили претрчуваат за да му укажат прва помош, но пучистот и кон нив отвора оган и ги спречува во тоа.
Оклопното возило „Кобра“ застанува меѓу два тенка. Кратко потоа е отворена и задната врата, а камерите снимија како пучистите брутално злоупотребуваат еден цивил.
На снимката, исто така, се гледа како пучистите по убиството, од возилото и без облека го исфрлаат телото на убиениот Челик на улица. Безживотното тело неколку минути лежи на земја, а пучистите рамнодушно се движат покрај него.
Убијците подоцна се вратија на местото на злосторството и по наредба на пучист со чин тенкист, телото на убиениот го однесоа во правец на грмушките.
Точно три и пол часа подоцна оклопното возило „Кобра“ се враќа повторно на местото на злосторството, а пучистите го бараат телото на убиениот.
Другите присутни пучисти ги упатија кон местото на кое се наоѓа телото, а тие го прегледаа и го однесоа од тоа место.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции, и на крајот, на 15 јули 2016 година, изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
За време на обидот за воен удар во Турција се убиени најмалку 251 лице, а беа повредени 2.200 лица. Турските надлежни институции водат опсежна истрага во судските постапки против оваа терористичка организација.