Ivana Ramadanova
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека полициска екипа синоќа, околу 23.30 часот, во камион што се движел на патот Штип – Кочани открила 40 мигранти со потекло од Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицајците го забележале камионот кај местото „Штипска петља“ и му дале знак да застане, но возачот продолжил, а по околу еден километар, го запрел возилото и побегнал.
„При контрола во товарното возило биле пронајдени 40 лица, мигранти од Сирија, меѓу кои повеќето биле деца“, велат од МВР.
Мигрантите биле однесени во полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во Штип, а денеска треба да бидат префрлени во Прифатниот центар во Гевгелија.
Во меѓувреме, полицијата презема мерки за пронаоѓање на возачот и за целосно расчистување на случајот. Неколку часа претходно, полициски службеници забележале двајца мигранти како скокаат од воз и бегаат кај железничката станица во селото Дуброво, на пругата Гевгелија – Скопје.
„Товарниот воз бил управуван од З.М. (51) од Скопје и Ѓ.Г. (53) од Скопје. Од преземените мерки било утврдено дека со машиновозачот претходно било договорено во возот да се качат мигранти за одредена сума пари и мобилен телефон“, стои во информацијата на МВР за случајот.
Двајцата македонски дражвјани и мигрантите биле уапсени и доведени во полициската станица во Неготино. Од МВР велат дека полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.