Ekipa
05 Декември 2018•Ажурирај: 06 Декември 2018
КЕЈПТАУН (AA) - Поминаа пет години од смртта на легендарниот лидер на народот од Јужноафриканската Република, Нелсон Мандела, кој во светот е познат како лидер на слободата, а во својата земја како татко на нацијата, кој својот живот го посвети на борбата против расната дискриминација (апартхејд), пишува Anadolu Agency (AA).
Мандела покрај сите расистички политики во Јужноафриканската Република, успеа да биде прв црномурест адвокат во земјата. Тој на 25-годишна возраст за прв пат стана дел од Националниот конгрес на Африка (ANC), а заедно со своите блиски пријатели Волтер Сисулу и Оливер Тамбо го формираа младинскиот огранок на Националниот конгрес, чиј претседател стана тој.
Мандела во 1950-тите години кога апартхејд-режимот имаше големо влијание, бил принуден да ја брани идејата за „помилитантно“ организирање, а поради неговите идеи бил неколкупати уапсен, и му биле забранети политичките активности.
Мандела доби доживотна затворска казна поради неговата борба против апертхејдот, а неговата казна ја извршуваше во затворот на островот Робен.
Откако мина 18 години во овој затвор, Мандела е префрлен заедно со неговите двајца блиски пријатели во затворот „Полсмур“ во Кејптаун, со образложение дека имал влијание врз младите затвореници во тој затвор.
- Првиот црномурест претседател на оваа земја -
Мандела стана симбол на борбата на Африканците за слобода.
За 67 години, од кои 27 години поминати во затвор, Мандела остави белег во светот благодарение на својот став против дискриминација и нерамноправност, а поради неговиот мировен став кон лицата против кои се бореше, тој стана почитуван лидер во светот.
Нелсон Мандела учествуваше на првите демократски избори кои се одржаа во Јужноафриканската Република, и во 1994 година стана првиот црномурест претседател на оваа земја.
Тој како негов заменик во Кабинетот го назначи последниот премиер на расистичкиот режим, Фредерик Вилем де Клерк, и нагласи дека во земјата ќе доминира мирот, а не омразата.
Мандела ја вршеше функцијата претседател на земјата само еден мандат, и не се кандидираше на следните избори, а оваа функција му ја остави на неговиот пријател Табо Мбеки.
Тој потоа својот живот го посвети на проектите за социјална одговорност, и водеше борба против сидата, која е основната причина за сиромаштија во земјата, болест која беше причина и за смртта на неговиот син.
Преку фондацијата што ја основаше, Мандела реализираше активности за развој и напредок на Јужноафриканската Република во секоја област.
- „Јужноафриканската Република не може да се смета слободна без да се ослободи Палестина“ -
Тој не остана само на борбата за слобода во неговата земја, туку продолжи да ги пренесува своите искуства и на сите народи во целиот свет што се под притисок и суровост.
„Јужноафриканската Република во потполна смисла нема да се смета слободна без да се ослободи Палестина“, рече Мандела, кој стана еден од најзначајните поддржувачи на борбата за слобода на палестинскиот народ.
- 18-годишната затворска казна на островот Робин причина за неговата смрт -
Лидерот на Јужноафриканската Република почина на 5 декември 2013 година, на 95-годишна возраст, поради инфекција на респираторниот систем.
Неговите лекари велат дека причина за неговата смрт биле лошите услови во затворот на островот Робен, каде што помина 18 години од вкупната затворска казна од 27 години.
Неговата сопруга, Граса Машел, по смртта на Мандела изјави дека последните зборови на Нелсон Мандела биле следните: „Вас ве напуштам во мир, и сакам да живеете во мир“.