Dejan Maksimoviç
05 Мај 2018•Ажурирај: 06 Мај 2018
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Јужноафриканскиот фудбалер Лујанде Нтшангасе, кого пред повеќе од два месеца го погоди гром за време на пријателски натпревар, почина на 21-годишна возраст во болница, јавува Anadolu Agency (AA).
Нтшангасе, напаѓачот на Марицбург Јунајтед беше во кома од 1 март во несреќата што се случи на пријателскиот натпревар, но борбата за живот ја загуби во четвртокот. Во соопштението на Фејсбук од клубот истакнаа дека Нтшангасе беше млада ѕвезда на тимот и дека сите во клубот се во длабока жалост.
„Ние сме исклучително тажни поради губењето на Лујанде, возбудливиот млад играч со огромен потенцијал. Во име на Марицбург Јунајтед, сакам да го изразиме нашето искрено сочувство до семејството Нтшангасе“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на клубот Фарук Кадодиа.
Нтшангасе е резултат на Марицбург Јунајтед, кој ги помина сите старосни категории, за да дебитира за првиот тим пред две сезони против Кајзер чифс.
При ударот на молњата за време на пријателскиот натпревар со Квазулу-Натал, полесно беа повредени уште двајца играчи. За разлика од нив, Нтшангасе доби сериозни изгореници на градите, кои се покажаа како смртоносни.
Смртта на еден млад напаѓач е третата трагедија која го погоди Марицбург Јунајтед во последниве години. Имено, играчите од средниот ред Мондли Келе (27) и Млонди Дламини (20) загинаа во одделни сообраќајни несреќи во 2016 и 2017 година.