Fatjon Cuka,Malik Hasa
18 Февруари 2016•Ажурирај: 19 Февруари 2016
ТИРАНА (АА) - Денес во Тирана започна 10-тата седница на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ). На овој настан присуствуваат претседатели, заменици претседатели и пратеници на парламентите од Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Србија, Израел, Египет, Грција, Италија, Либија, Сирија, Малта, Мароко, Палестина, Португалија, јавува Anadolu Agecy (AA).
На оваа дводневна средба ќе се разговара за актуелните предизвици со кои се соочува регионот на Медитеранот, на којашто фокусот ќе биде ставен на прашањата поврзани со миграцијата и борбата против тероризмот.
На отворањето на седницата одржаа говор претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на ПАМ, сенаторот Лоу Лмарбоу. Исто така, се емитуваше видео порака на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун.
„Му благодарам на ПАМ за конструктивната улога во помагањето на испорака на помош во Сирија. Медитеранот е од суштинско значење во дебатата за миграцијата. Го повикувам ПАМ да учествува во Конгресот кој ќе се одржи на 19-ти септември во врска со оваа тема”, рече во својата порака, Бан Ки-мун.
Во својот говор шефот на парламентот на Албанија, воедно и домаќин на ПАМ, Илир Мета, истакна дека земјите од Медитеранот се заедно во борбата против тероризмот и нетолеранцијата. Фокусирајќи се на миграциската криза, Мета истакна дека оваа криза бара многу посилна и заедничка соработка меѓу земјите.
„Зголемувањето на случаите на тероризмот отворено му пркоси на нашиот регион. Хаотичната ситуација во Сирија длабоко не загрижува. За жал, разликите меѓу Истокот и Западот и Северот и Југот не се променети. Не ми прилега да влезам во сите аспекти на кризата, но мислам дека во текот на постапката на оваа седница, ние мора да работиме напорно за да ги решиме овие проблеми”, рече Мета.
Според Мета, силниот Медитеран има потреба од силна Европа а Европа мора да ја зачува стабилноста.
„Последниве денови јасно покажуваат дека не може да има безбедна Европа без безбеден Медитеран”, рече Мета.
На отворањето на оваа седница, одржа воведен говор и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Годините што поминаа беа болни, стотици бегалци ги загубија своите животи во нашето заедничко море. Бројот од оваа година говори за 400 исчезнати во Средоземното Море. Ова покажува дека бројката е десет пати повеќе во споредба со претходните години. Сето ова покажува дека ние мора да ги обединиме силите за борба против причините кои доведуваат до тоа. Тоа поминува преку заедничка координација, но исто така и преку свеста и помошта на ЕУ откако оваа криза Италија, Грција и Турција не успеаа да ја поминат сами”, рече Рама.
Премиерот Рама истакна дека Албанија не е под влијание на бранот бегалци, но е подготвена да придонесе за оваа криза.
Во меѓувреме, во својот говор претседателот на ПАМ, сенаторот Лоу Лмарбоу, рече дека во текот на ова заседание на собранието треба да се дискутира за теми со кои ќе може да се издржат тековните предизвици во регионот на Медитеранот.
10-тата сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот ќе ја продолжи својата работа до 18:00 часот денес. Утре, на завршната седница ќе се одржи прес- конференција на која ќе се претстават заклучоците од дискусиите.