Fatjon Cuka
09 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
ТИРАНА (АА) - Трговски центар во Тирана денес е евакуиран откако на паркингот е пронајден пакет со непозната содржина за кој подоцна се испостави дека содржи експлозивна направа, јавува Anadolu Agency (AA).
Жителите на населбата Општина Париз во Тирана во 11:00 часот по локално време пријавиле во полиција сомнителен пакет кој е откриен на паркингот на трговскиот центар, по што посетителите и вработените од центарот и другите околни објекти се евакуирани.
Трговскиот центар неколку часа беше под блокада на полицијата, а набргу по дојавата на местото пристигна и екипа на пиротехничари и со контролирана експлозија го уништи пакетот.
Според сè уште непотврдени информации, експлозивната направа била поставена под автомобил во сопственост на еден албански бизнисмен.
Улицата која води кон местото на настанот е затворена за минувачи, а по контролираната и планска детонација полицијата покрена истрага со цел да открие кој и кога го оставил пакетот.