Ivana Ramadanova
21 Октомври 2016•Ажурирај: 22 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Припадниците на армијата на Република Македонија (АРМ) од составот на баталјонот на воената полиција, во раните утрински часови спречија обид за криумчарење мигранти во моторни возила што биле управувани од македонски државјани, во близина на браната Паљурци, во правец кон Богданци, во пограничното подрачје на територијата на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на АРМ, во акцијата е спречено нелегално минување на 11 странски државјани, од кои шест се деца, а согласно надлежностите, возилата со возачите и нелегалните минувачи се обезбедени и предадени на надлежните органи од МВР за понатамошната постапка.
„Припадниците на АРМ во период од повеќе од една година, со извршувањето задачи како набљудување, патролирање и извидување во реонот на одговорност, спречија десетици, а во одредени денови и стотици обиди за нелегални преминувања на државната граница, така што денес вкупната бројка изнесува над дваесет илјади. Мерките што АРМ ги спроведува согласно доделените задачи од одлуката на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, во поддршка на МВР и граничната полиција, низ зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница даваат позитивен ефект и соодветен придонес во зачувувањето на безбедноста на граѓаните на нашата држава“, се вели во соопштението на АРМ.
Од таму додаваат дека АРМ е подготвена да одговори на секаков облик на безбедносно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, вклучувајќи ги обидите за насилно влегување на територијата на државата, коешто е присутно од почетокот на мигрантската криза.