Ali Cura
15 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, им порача на лидерите на Арапската лига дека Русија е подготвена за соработка и поддршка на процесот на решавање на кризата во Сирија, Ирак и на Блискиот Исток, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на рускиот претседател од Кремљ соопшти дека Путин упатил порака до лидерите на Арапската лига, кои присуствуваат на 29. самит на организацијата во Саудиска Арабија.
Истакнувајќи дека Блискиот Исток и Северна Африка минуваат низ тежок период, Путин наведува дека судирите во Сирија, Ирак, Либија и Јемен секојдневно носат нови жртви и дека меѓународната заедница мора координативно да делува на решавање на тие кризи.
„Русија е подготвена да соработува со Арапската лига во воспоставувањето на регионалната безбедност. Во новонастанатата ситуација по поразот на главните сили на ДЕАШ, можеме со заедничко делување да го забрзаме решавањето на многу проблеми, вклучувајќи ги и политичките проблеми во Сирија и во Ирак“, се наведува во пораката на Путин.
Путин, исто така нагласува дека борбата против тероризмот мора да продолжи со апсолутно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите арапски држави.