Şerife Çetin
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Суспендираниот претседател на шпанската покраина Каталонија, Карлес Пучдемон, и четирите министри кои се предадоа во полиција во Белгија, се пуштени на слобода со одредени мерки на забрана, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Федералното обвинителство на Белгија, судијата донесе одлука за пуштање на слобода со изрекување мерки на забрана за Пучдемон и министрите Мари Але Серет и Клер Обиолс, како и за министрите Луис Горди Пуигу и Антони Оливарес Коминау.
Наведено е дека тие не смеат да ја напуштат Белгија без дозвола на судијата, мора да престојуваат на постојана адреса и да се јавуваат на поканите на судските и полициските органи.
Пучдемон и министрите вчера изутрина, во придружба на адвокатите, се предадоа во полиција.
Во Шпанија се товарат за бунт, поттикнување побуна и злоупотреба на јавни средства, како и кршење на довербата, а во Белгија отпатуваа откако беа разрешени од должноста поради незаконското прогласување независност на Каталонија.
Во петокот, Шпанија издаде налог за апсење на Пучдемон и неговите советници, а поранешниот каталонски лидер изјави дека нема да се врати во својата земја, доколку не му биде гарантирано правично судење. Објави дека е подготвен целосно да соработува со белгиското правосудство.