Ivana Ramadanova
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија денеска одржа прес-конференција на тема „Унапредување на арбитражното решавање на споровите за поголема соработка помеѓу бизнис-партнерите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на Постојаниот избран суд - Арбитража, Горан Рафајловски, арбитражата е една од најдобрите и најбрзите постапки со којашто стопанството ќе ја врати довербата во правосудниот систем на Република Македонија.
„Довербата во правосудниот систем се враќа преку начинот и постапката на кои се води арбитражата, во која секоја од странките има право да избере еминентен судија од листата судии на Постојаниот суд - Арбитража, што е во Стопанската комора на Македонија, и за ова мора да има сложување од двете страни, а на крајот претседателот или странките ќе се договорат или ќе го договори Постојаниот суд - Арбитража со комисија од тројца судии“, рече Рафајловски.
Тој посочи дека оваа постапка оди многу брзо, додавајќи дека досега за решавање на одредени спорови имало рок од четири месеци, а вкупниот просек за решавање на спорот бил седум месеци.
„Значајно е дека во оваа постапка немате право на повторување на постапката ниту пак, право на жалба, туку решението што ќе се донесе е извршно“, истакна Рафајловски.
Од Постојаниот избран суд - Арбитража информираа дека во судот годишно се решаваат преку десет спорови, истакнувајќи дека предничат меѓународните компании, а во последно време и домашните компании.