Elvir Hociç
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
САРАЕВО (АА) - Речиси половина училишта во светот немаат питка вода и адекватни санитарни услови за престој на милиони деца кои се изложени на различни ризици по здравјето и животот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондацијата на ОН за деца (УНИЦЕФ) објавија извештај во кој се наведува дека речиси 900 милиони деца во училиштата се соочуваат со недостаток од основни хигиенски услови.
Претставникот на СЗО и водачот на проектот, Рик Џонстон, предупреди дека квалитетната образовна програма мора да вклучува и адекватни услови за престој на децата во училиштата.
Тој, исто така, предупредува дека недостатокот од чиста вода и санитарни објекти може да предизвика дехидрација, болест, па дури и смрт.
Речиси третина од основните и средните училишта немаат сигурно снабдување со питка вода. Во извештајот уште се наведува и дека речиси 20 отсто од училиштата воопшто немаат питка вода. Нешто повеќе од третина од училиштата немаат соодветни санитарни јазли, а секое петто основно и секое осмо средно училиште немаат никакви санитарни услови.
Секое второ училиште во светот нема соодветни услови за миење раце, што се неопходни за спречување на ширењето инфекции и болести. Најлоша е ситуацијата во Субсахарска Африка, источна и југоисточна Азија.
Меѓутоа, експертите се оптимистични, а ситуацијата може брзо да се влоши доколку светските лидери проблемот со водата и санитариите не го постават како еден од приоритетите.
„Со политичка волја, навистина е возможно да се испорачаат добри услови“, истакна Џонстон.