Umar Farooq
13 Ноември 2018•Ажурирај: 14 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Најмалку 44 лица ги изгубија животите во двата шумски пожари што ја зафатија американската сојузна држава Калифорнија, оставајќи ги зад себе трагите на уништување и изгорените домови на илјадници луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во северниот дел на Калифорнија, бројот на загинати достигна 42, откако беа откриени 13 човечки останки“, истакна шерифот на округот Бат, Кори Хоне, на прес-конференцијата доцна синоќа.
„Ова е најсмртоносниот пожар во историјата на шумски пожари во САД“, истакна тој.
Во пожарот се уништени над 6.400 објекти и изгорени се околу 110.000 хектари земјиште.
Во пожарот во јужна Калифорнија, кој напредува кон предградијата на Малибу, загинаа две лица. Пожарот изгоре површина од над 85.000 хектари, и заедно со уште пожарот Хил кој беснее во негова близина, предизвика евакуација на околу 250.000 жители.
Вонредна состојба е прогласена во округот Бат поради пожарот Камп, во Лос Анџелес и во округот Вентура поради пожарите Хил и Вулси.
Белата куќа прогласи состојба на итност за целата држава Калифорнија, истакнувајќи дека Одделот за домашна безбедност и Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA) ќе ги координираат сите активности за помош при катастрофи.
Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, од американскиот претседател Доналд Трамп побара прогласување на голема катастрофа, повикувајќи ја федералната Влада да одвои повеќе средства за државата за помош при катастрофи, како и за процесот на обнова.
„Ова не е ново нормално, ова е ново абнормално“, рече Браун на прес-конференција. „И за жал, најдобрата наука ни кажува дека сувоста, топлината, сушата, сите тие работи, тоа ќе ги интензивира.“
Забелешките на гувернерот беа одговор на Трамп, кој на Твитер напиша дека Калифорнија се справува лошо со пожарите.
„Нема причина за овие големи, смртоносни и шумски пожари во Калифирнија, што чинат, освен тоа што управувањето со шумите е толку лошо. Секоја година се даваат милијарди долари, а толку многу животи се губат, сето тоа поради лошото менаџирање со шумите. Лек сега, или нема повеќе пари од федералните резерви!“ истакна Трамп.
Предупредувања за црвенo знаменце, највисоко ниво на опасност од пожари, беа издадени од калифорнискиот Оддел за шумарство и заштита од пожари низ целата држава која се протега од северната граница со сојузната американска држава Орегон до јужната граница со Мексико.
Сезоната на пожари во Калифорнија обично започнува од средината на летото и трае до средината на месец октомври, но стручњаците велат дека сега може да се очекуваат во текот на целата година.