Ekipa
03 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
МУНБИЧ/АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) градат две воени бази во подрачјето на Мунбич, Сирија, кое се наоѓа на западниот брег на реката Еуфрат и кое е под опсада на терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Доверливи извори на АА јавуваат дека САД југоисточно од селото Дадат градат база, на местото на кое досега имало набљудувачко место.
Американската војска на таа локација упати градежни машини и градежен материјал.
Станува збор за место оддалечено осум километри од реката Саџу, која е линија на раздвојување меѓу Мунбич и Џарабулус, кој пак беше ослободен од терористите за време на минатогодишната операција „Штитот на Еуфрат“.
Втората воена база која САД ја градат во Мунбич е оддалечена цели четири километри од линијата на раздвојување на фронтовите на сириската опозиција и терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Станува збор за местото Нуајмије, кое се наоѓа јужно од селото Дадат.
По изградбата, базата во Нуајмије ќе биде најблиската американска воена база до сириските опозициски сили, кои ги контролираат подрачјата ослободени во операцијата „Штитот на Еуфрат“.
Во екот на најавите за можни операции на Турските вооружени сили во Мунбич, САД во тоа подрачје пред два дена испратија додатен конвој со војска.
Во конвојот се наоѓаа најмалку 300 војници, а доставени се и оклопни возила. Во конвојот е доставено и друго оружје, а американската војска патролира по линијата на разграничување меѓу Мунбич, кој е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК, и регионите кои турските сили и борците на сириската опозиција ги ослободија во минатогодишната операција „Штитот на Еуфрат“.
Локални извори исто така јавуваат дека американската војска веќе неколку дена секојдневно патролира низ западниот дел на Мунбич, а претходно тоа го правеше еднаш неделно.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК, со поддршка на американските сили, го окупираше Мунбич во август 2016 година.
Турските сили кон крајот на јануари оваа година ја покренаа антитерористичката операција „Маслинова гранка“ и го ослободија поширокото подрачје на Африн од терористите на ЈПГ/ПКК.
Официјална Анкара најави можно продолжување на операцијата „Маслинова гранка“ во Мунбич, доколку терористите не го напуштат тој град.
САД ја поддржуваат групата ЈПГ/ПКК, за која Турција предупредува дека е сириски огранок на терористичката организација ПКК, и тоа е едно од отворените прашања во турско-американските односи.
Американската војска во моментот во Мунбич има три набљудувачки места.
Турција и САД неодамна формираа работни групи за надминување на несогласувањата и спречување на несаканите директни судири во Сирија.