Ekipa
03 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
БЕРЛИН (АА) - Германското обвинителство побара денес испорачување на поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон во Шпанија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во градот Шлезвиг поднесе барање до регионалниот суд за ставање на Пучдемон во предекстрадициски притвор, по интензивната проверкa на европскиот налог за апсење кој го издаде Шпанија.
Судот во Шлезвиг одлуката за негово испорачување би требало да ја донесе за неколку дена, а адвокатите на Пучдемон побараа од германската Влада да интервенира.
Пучдемон на 25 март е приведен во Германија, додека се враќал во Белгија, каде што престојува откако ја напушти Шпанија.
Шпанското правосудство го товари за бунт, откако Парламентот на Каталонија прогласи независност врз основа на референдумот за независност од 1 октомври, иако шпанската Влада го прогласи референдумот за неуставен.
Освен за бунт, Мадрид го обвинува 55-годишниот поранешен каталонски лидер и за злоупотреба на јавните средства.