Ekipa
21 Април 2018•Ажурирај: 22 Април 2018
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја денес објави прекин на развојот на Програмата за нуклеарно оружје, еден ден по клучниот состанок на партијата, и помалку од една недела пред првиот Самит меѓу Северна и Јужна Кореја, во текот на една деценија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Од 21 април, Северна Кореја ќе престане со нуклеарните тестирања на интерконтинентални балистички ракети“, се вели во соопштението објавено од државната севернокорејска Новинска агенција КЦНА (KCNA).
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун истакна дека неговата земја сега ќе се фокусира на изградба на економијата базирана на социјализмот, а во однос на денуклеаризацијата нагласи дека неговата земја се има издигнато како една политичка и воена сила.
Останува да се види кои услови ќе треба да се исполнат за повлекување на глобалните економски санкции наметнати за ставање крај на севернокорејската нуклеарна закана.
Јужнокорејските власти истакнаа дека на Самитот помеѓу Северна и Јужна Кореја, планиран за в петок, на кој ќе се сретнат севернокорејскиот лидер Ким и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, можно е да стане збор и за Мировниот договор, по неколкудецениските тензии од примирјето во Корејската војна (1950 - 1953).
Расположението во односите меѓу Северна и Јужна Кореја e на повисоко ниво со денешното ветување на Северна Кореја дека ќе гарантира транспарентност во однос на затворањето на комплексот каде што беа спроведени сите шест нуклеарни тестирања од 2006 година.
Тоа, исто така, го поплочува патот за планираниот состанок на Ким со американскиот претседател Доналд Трамп во следните недели.
„Ова е мошне добра вест за Северна Кореја и за светот - голем напредок! Со нетрпение го очекуваме нашиот Самит“, напиша Трамп на Твитер како одговор на денешните вести.