Halit Süleyman
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
АЛЕПО (АА) - И покрај фактот што во саботата на сила стапи договорот за привремен прекин на огнот во Сирија, руските авиони изведоа бројни воздушни напади врз позициите на умерената сириска опозиција во кои настрадаа десетици луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Главниот уредник на новинската агенција „Шеха” во Алепо, Мемнун Хатиб, за АА изјави дека руската страна во Сирија грубо го крши прекинот на огнот и продолжува со нападите на подрачјата кои се под контрола на опозиционите сили во Алепо.
„Руските авиони, од стапувањето на сила на прекинот на огнот, изведоа жестоки напади на подрачјето на Кафр Хамр, Асија, Каптан Џабел и патниот правец Алепо- Азаз. Утринава руски авиони гаѓаа и населени места кои се под контрола на опозиционите сили. Во тие напади имаше жртви и нанесена е голема материјална штета”, рече Хатиб.
Паралелно со тоа, Медиа центарот во Хомс јави дека руски авиони извеле осум воздушни напади во местото Харбенефси во јужниот дел на Хама. Нападите се изведени со касетни бомби.
„Силите лојални на режимот на претседателот Башар ал Асад не го почитуваат прекинот на огнот во Хомс и Хама. Сириската војска изведува константни напади на подрачјето на Телбисе во Хомс. Асадовите сили први го прекршија договорениот прекин на огнот во Хомс”, се наведува во соопштението на Центарот.
Властите на САД и Русија претходно соопштија дека е договорено од 27-ми февруари на сила да стапи прекин на огнот во Сирија.