Ivana Ramadanova
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, денес имаше свое обраќање во Воената академија пред 23-подофицери и професионални војници кои имаат завршено цивилно високо образование, а се пријавија на огласот за стручно усовршување на повеќе специјалности во Армијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во овој момент, вие започнувате нова етапа во своите животи, етапа во која низ стручно усовршување на Воената академија, во наредните неколку месеци, ќе го остварите својот сон и ќе станете офицери на Армијата на Република Македонија“, истакна Јолевски.
Министерот посочи дека во рамките на 3-месечниот едукативен процес, ќе се постигнат неколку цели и тоа создавање на добро едуциран офицер, компетентен во техничка, тактичка и лидерска смисла, кадар кој ќе поседува вештини, знаења и способности потребни за справување со сите предизвици во професијата.
„Горди сме на вас и на вашиот ентузијазам и нескротлива желба за стручно усовршување и изградба на успешна професионална кариера, бидејќи како професионални војници и подофицери во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија и покрај вашите секојдневни професионални обврски смогнавте сили да завршите и високо образование на Универзитетите во Република Македонија“, додаде министерот.
Стручното оспособување и усовршување на 23-кандидати подофицери и професионални војници се врши по објавениот оглас на Министерството за одбрана и согласно потребата за офицерски кадар од 6 струки и тоа правна, интендантска, техничка, финансиска, музичка и сообраќајна струка.
Ваков тип на стручно усовршување се организира по повеќе од осум години, а лицата кои имаа можност да се пријават на огласот на Министерството беа подофицери и професионални војници во Армијата на Република Македонија.