?kipa
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Во Турција продолжи судската постапка против пучистите на терористичката организација ФЕТО кои во ноќта на 15 јули минатата година го убија командантот на специјалните сили, подофицер Омер Халисдемир, кој пред тоа усмрти еден од водачите на пучистите, бригадниот генерал Семих Терзи, и со тоа го промени текот на обидот за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за судењето во Кривичниот суд во Анкара, во коешто вкупно 18 обвинети се процесуираат поради случувањата во Командата на специјалните сили во Анкара за време на обидот за пуч.
На денешното рочиште присуствуваа обвинетите, адвокатски тимови, семејството на убиениот подофицер Халисдемир и заменик-претседателот на Партијата за правда и развој (АK Parti), Равза Кавакџи, неколку парламентарци и претставници на невладиниот сектор.
Адвокатот Аладин Варол за време на вкрстеното испрашување го запраша обвинетиот Хасан Аксој да појасни како го познавал потполковникот Халисдемир и за што разговарал Халисдемир со пучистот Терзи пред да влезе во командата.
„Омер Халисдемир го запознав во 2013 година, на курс. Подофицерот Омер таа ноќ не ме праша што правиме во командата. Ме праша од каде доаѓаме и што се случува во Дијарбакир. Му реков дека не знам ништо. Бевме на крајот од групата и подофицерот Омер тогаш истрча на чело на групата и застана покрај командантот“, изјави обвинетиот Аксој.
Тој понатаму рече дека слушнал пукање откако исто така обвинетиот командант на баталјонот Фатих Шахин наредил да се пука и оти видел како некој бега кон грмушките.
„По пукањето, Шахин извика дека е во ред и оти го неутрализирал, ја убил метата. Кога се доближив, видов дека Терзи е погоден. Сите беа во шок. Го внесовме Терзи во зградата, а тогаш Михрали Амтаџа нареди да се преземат мерки. Потоа го зедовме подофицерот Омер за нозете и го однесовме настрана. Немаше никаква лоша намера тука, тоа се работи и во другите воени акции“, изјави Аксој.
Аксој истакна дека капетанот Волкан Вурал Бал тогаш го проверил пулсот на погодениот подофицер Халисдемир, и изјави дека потоа пристигнала брза помош и му предложил на капетанот Волкан да го одведат Омер во болница.
„Еден војник рече дека осетил пулс кај подофицерот. Погледнав кон портата и во тој момент слушнав два истрела. Се свртев и видов дека полковникот Михрали го враќа пиштолот во футролата“, изјави Аксој.
Омер Халисдемир е роден во 1974 година во градот Ниде. Тој загина во ноќта на неуспешниот обид за државен удар во Анкара, во Командата на специјалните сили. Иако подофицерот го запре бригадниот генерал Семих Терзи, кој беше во редовите на пучистите лојални на терористичката организација ФЕТО, дојден за да ја преземе командата. Халисдемир го застрела во главата, а потоа и тој е убиен од куршумите на офицерот од придружбата на Терзи. Тој стана симбол на отпорот против пучистите.