Michael Hernandez
06 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, во своето традиционално годишно обраќање пред американската нација побара соработка на републиканците и демократите, продолжувајќи да инсистира на потребата од некои од неговите најоспорливи политички цели, јавува Anadolu Agency (AA).
Тонот кој Трамп го користеше во својот говор синоќа е во колизија со голем дел од она што ги дефинираше неговите први две години на функцијата претседател, како и со неговата активност на Твитер само неколку часа пред да замине кон Капитол.
Во обраќањето во Конгресот, Трамп изјави дека нема да ја изложува агендата на републиканците или демократите, туку агендата на американскиот народ.
„Мораме да чекориме храбро кон следното поглавје на оваа голема американска авантура, и мора да создадеме нов стандард на живеење за 21-от век“, изјави Трамп. „Заедно, можеме да ги скршиме децениите на политичкиот ќор-сокак. Можеме да ги надминеме старите поделби, да ги излечиме старите рани, да изградиме нови коалиции, да формираме нови решенија, и да го отвориме извонредното ветување за иднината на Америка. Одлуката е наша.“
Но, само неколку мигови подоцна, тој продолжи со инсистирањето на потребата од градење преграда на мексиканската граница, спорното барање кое во Демократската партија е игнорирано, а меѓу републиканците, во најдобар случај, примено со „млака“ поддршка.
„Во минатото, повеќето луѓе во оваа просторија гласаа за ѕидот - но вистинскиот ѕид никогаш не се изгради. Јас ќе направам да се изгради“, рече тој. „Каде што ѕидовите се издигнуваат, илегалните премини се намалуваат.“
На пратениците им остануваат само 10 дена за да гласаат за законот со кој се финансираат многу владини агенции, кои добија тринеделен надоместок по најдолгата блокада во историјата на САД.
Трамп се закани дека повторно ќе ја блокира владата или ќе прогласи национална вонредна состојба поради изградба на ѕидот - нешто што ќе биде предмет на судски процес покренат од страна на демократите и сопствениците на земјиштето кое Трамп сака да го експроприра, со цел да го изгради ѕидот со Мексико.
Тој, исто така, рече дека САД имаат „морална должност“ да развијат имиграциски систем „кој ги штити животите и работните места на нашите граѓани“, по двегодишно потиснување и на легалните и на илегалните начини на имиграција, меѓу кои и политиката на разделување на децата мигранти од нивните родители.