Sorwar Alam
17 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Денес, турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека предвремените избори не се на агенда на владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќање на новинарите пред состанокот на Централниот извршен одбор на Партијата за правда и развој во Анкара, Јилдирим изјави дека општите избори во Турција ќе бидат одржани во 2019 година, според планираното.
„Нема потреба да се создаваат забуни во врска со стабилноста на земјата правејќи ги предвремените избори актуелен проблем“, изјави премиерот осврнувајќи се на неодамнешна изјава на пратеник во врска со ова прашање.
Во врска со пакетот уставни реформи, тој изјави дека се надева оти ќе помине во Парламентот и ќе се стави на референдум.
„По одобрувањето на Парламентот, на нашите граѓани ќе им ги објасниме новите членови (во периодот на референдумот), а потоа ќе продолжиме по нашиот пат“, изјави Јилдирим.
Пратениците во неделата го прифатија последниот член на пакетот уставни реформи, кој дозволува партиски претседател.
Вториот круг на гласање за историскиот пакет уставни реформи е планиран за 18 јануари. АК Партијата планира да одобрува шест члена дневно во вториот круг на гласање и да ги заврши до 21 јануари.
Владата на почетокот од април планира да одржи референдум за предложените уставни промени.
Турскиот премиер исто така изјави дека владата ќе продолжи да ги презема сите потребни чекори за економски раст и развој.
„Нашите граѓани и бизнисмени би требало да ги направат своите планови за идни инвестиции и продолжена стабилност“, вели тој.