Hatice Şenses Kurukız
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Со Комеморација и положување венец на гробот на осмиот претседател на Република Турција, Тургут Озел, одбележана е 23-годишнината од неговата смрт, јавува Anadolu Agency (AA).
На комеморативниот собир во истанбулскиот комплекс Топкапи, присуствуваше семејството на поранешниот турски претседател Озел, генералниот секретар на Претседателството на Турција, Фахри Касирга, како и бројни државни и воени функционери и граѓани.
Сопругата на Озел и некогашна прва дама на Турција, Семра Озел, рече дека луѓето во Турција и пошироко стануваат сè повеќе свесни за важноста на ликот и делото на Тургут Озел.
Неговиот син Ахмет Озел рече дека масовното одбележување на годишницата од смртта на неговиот татко најдобро покажува дека луѓето не го заборавиле доброто коешто тој го сторил за земјата.
„Ние кои го познававме, секојдневно посакуваме да е тука и да ни даде одговор на нашите прашања и проблеми. Сите би сакале да го чуеме неговото мислење и решение за денешните проблеми во Турција и на меѓународната сцена. Јас сум негов син, но знам дека милиони сонародници го гледаат како свој старешина”, рече Ахмет Озел.
По повод 23-годишнината од смртта на Тургут Озел, актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган порача дека Озел имаше водечка улога во развојот и напредокот на земјата и дека има посебно место и вредност во срцето на целата нација.
„Осмиот претседател на Турција Озел ја придоби благодарноста на нацијата за сè што стори на патот на демократизацијата, изградбата и напредокот на земјата. Со голема почит се сеќаваме на него”, напиша Ердоган во пораката по повод одбележувањето на годишнината од Озеловата смрт.
Слична порака објави и актелниот премиер на Република Турција, Ахмет Давутоглу. Тој порача дека Озел бил своевиден пример за добриот однос на еден државник кон земјата и нацијата.
Тургут Озел беше турски државник и политичар, роден на 13-ти октомври 1927 година во Малатија, а почина на денешен ден 1993 година.
Беше лидер на партијата Анаватан и премиер на Република Турција од 1983 до 1989 година, кога е именуван на функцијата претседател на Турција. Тврдењата дека бил отруен никогаш не се во потполност расветлени. Пред четири години отворен е неговиот гроб и направени се анализи од коскеното ткиво, но не е утврдено дали смртта настапила како последица на труење.