Ekipa
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Во антитерористички операции изведени во Турција во периодот помеѓу 8 и 15 мај неутрализирани се 52 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека припадниците на безбедносните сили, во рамките на борбата против тероризмот, во текот на минатата недела извеле 483 операции.
Приведени се 118 лица за помагање на терористите, две лица поради сомнение дека се поврзани со терористичка организација ДЕАШ, 1.767 лица во рамките на борбата против терористичката организација ФЕТО и четири во рамките на борбата против левичарските терористички организации.
Во операциите се неутрализирани 52 терористи, од кои 38 се убиени, тројца се заробени, а 11 се предале.
Во Битлис, Дијарбакир, Мардин, Ерзурум, Кахраманмараш, Ширнак, Сирт и Бингол уништени се 49 скривалишта, пештери и засолништа користени од страна на терористите, како и 50 рачно изработени експлозивни направи и мини.
Припадниците на безбедносните сили запленија 2.071 килограми материја која се користи за правење експлозив, 60 рачни бомби, 170 парчиња оружје и поголема количина на муниција.
Во рамките на борбата против дрогата, со која се финансираат терористичките организации, ширум земјата се спроведени 776 операции, а запленети се, меѓу другото, повеќе од два тони марихуана, над 100 килограми хероин, 308 килограми кокаин и приведени се 2.330 лица.
Освен тоа, во рамките на акцијата против илегалната миграција фатени се 5.169 лица, од кои 155 се фатени на море. Исто така, приведени се 47 лица за кои постои сомнение дека ја организирале илегалната миграција.
Во акциите против кибер-криминалот направена е анализа на 1.341 сметки на социјалните мрежи чии содржини ги величале терористичките организации, меѓу кои ФЕТО, ДЕАШ, ПКК, но и говорот на омраза и поттикнување на непријателство. Притворени се 57 од 558 идентификувани лица.