Dilruba Kocak
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Во Анкара, главниот град на Турција, отворена е првата „куќа свртена наопаку”, Anadolu Agency (AA).
Архитектот Мете Ѓултекин за АА изјави дека изградбата на објектот траела 6 месеци. Куќата е со површина од 120 квадратни метри.
Архитектот Ѓултекин соопшти дека овој објект е прв од овој вид во Анкара, а втор во Турција.
Архитектот изјави дека посетителите откако ќе влезат во куќата се соочуваат со еден сосема нов свет.
Посетителите не можат да го скријат изненадувањето од тоа што сите предмети во куќата се наоѓаат на самиот таван, а архитектот Ѓултекин додаде дека ја испразниле внатрешноста на некои апарати и ги поставиле на соодвтните места.
Во таванскиот простор се наоѓа излез за итни случаи, а како што истакнува архитектот, успешно се завршени сите безбедносни тестови со што се увериле дека куќата е безбедна за посетителите.
„Изградивме простор во којшто посетителите ќе можат да уживаат и да го разгледуваат на безбеден начин. Сметаме дека ова е нешто поинакво во Анкара, што ќе им пружи задоволство на посетителите”, рече Ѓултекин.
Архитектот Ѓултекин изјави дека внатрешноста на објектот е изработена исто како во куќата да живее семејство. Куќата се состои од детска соба, кујна, трпезарија и останатите вообичаени простории.
Во светот, освен во Анкара, постојат уште 13 куќи во кои сѐ е свртено наопаку, а кои се отворени за посетителите.
„Мислам дека ова е убав простор каде што луѓето можат да го поминат викендот. Очекуваме објектот да биде посетуван воглавно од групи млади лица и од деца кои покажуваат поголем интерес за вакви објекти”, истакна Ѓултекин, додавајќи дека станува збор за убаво уреден простор за „teambuilding”.
Куќата е отворена за посетителите секој ден во недела.