Adem Demir
04 Август 2016•Ажурирај: 05 Август 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Судот во Истанбул издаде потерница и налог за апсење за основачот на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, Фетула Ѓулен, поради издавање наредба за обидот за државен удар во Турција на 15 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Потерницата и налогот за апсење на Фетула Ѓулен се издадени по барање на Џан Тунџаја, обвинителот за тероризам и организиран криминал на Обвинителството во Истанбул.
Се работи за прва потерница и налог за апсење за Ѓулен кој е издаден по обидот за државен удар, кој се случи на 15 јули во оваа земја.
Во одлуката се наведува дека терористичката организација ФЕТО, инфилтрирајќи се во вооружените сили на Турција, на 15 јули првенствено во Истанбул и во Анкара имаше за цел да го промени уставниот поредок во оваа земја и да ја преземе контролата над сите институции и безбедносни единици.
Исто така, наведено е дека една група војници лојални на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, која има за цел да стане голема и влијателна економска сила на меѓународен план, се обиде да изврши државен удар и првенствено да ја сруши владата и другите уставни институции. За време на обидот за пуч, извршени се многу кривични дела.
При обидот за државен удар, направен е и обид за атентат на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а при спротивставувањето на војниците-пучисти загинаа голем број припадници на војската, полицијата и цивилите.
Наведено е дека досега се собрани докази во кои е утврдено дека во обидот за државен удар учевствувале голем број припадници на ФЕТО/ПДЈ, и дека не постои сомнеж дека државниот удар е извршен по наредба на водачот на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, Фетула Ѓулен.
Потерницата и налогот за апсење на Ѓулен е распишана поради следните кривични дела:
„Обид за рушење на Владата на Република Турција и оневозможување на нејзиното функционирање, Одземање на слободата на луѓето со употреба на сила, закана и измама, обид за атентат на претседателот на државата, обид за рушење на Парламентот и оневозможување на неговото функционирање, експлоатација врз основа на друго злосторство, убиство на човек поради исполнување на неговата јавна должност, обид за рушење на уставниот поредок, ранување, нанесување штета на имот, нанесување штета на јавниот имот”.