Mustafa Dermencioğlu
27 Октомври 2016•Ажурирај: 28 Октомври 2016
ДЕНИЗЛИ (АА) - Државното обвинителство во турската област Денизли подигна ново обвинение против терористичката организација ФЕТО, во кое се наведува дека членовите на таа организација склопувале бракови по наредба на надредените „имами“, а дека надредените вршеле големи притисоци на членовите што ќе се обиделе да ја напуштат организацијата, на тој начин што ги оддалечувале од нивното семејство, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинението упатено на II Кривичен суд во Денизли е подигнато против 72 осомничени лица, од кои 31 осомничен се наоѓа во притвор, а во текстот на обвинението се зборува за структурата и хиерархијата на терористичката организација ФЕТО и другите детали собрани за време на истрагата што во изминатите месеци е водена под името „Покровителска структура на ФЕТО во подрачјето Тавас“.
Во обвинението се наведува дека членовите на ФЕТО го сметаат својот водач Фетула Ѓулен за „лице со натприродни и свети особини и способности“ и дека организацијата дејствува во тајност и со строго почитување на хиерархијата и послушноста на членовите кон надредените.
„Секој обид за преиспитување или изнесување на мислењето за одлуките на водачот на организацијата, Ѓулен, се задушуваат во корен, а неговите наредби се сметаат за света обврска на членовите. Фетула Ѓулен и другите високопозиционирани членови на ФЕТО при обраќањето на јавноста покажуваат силна доза на понизност, а во исто време се ригидни и авторитарни лидери внатре во организацијата во која постои строг систем на казнување и наградување на непослушните и послушните поданици“, се наведува во обвинението.
Внимание на јавноста особено привлекува начинот на кој раководителите на терористичката организација ФЕТО го контролираат склопувањето на бракови на своите членови, а за тоа обвинителството собра докази и ги приложи во обвинението.
„Членот на организацијата ФЕТО што сака да се жени, одлуката прво ја соопштува на својот надреден имам, а потоа од каталог со фотографии на немажените членки на организацијата ја одбира можната сопруга. На тој начин, ФЕТО врши контрола и ги јакне врските со членството, а во случај некој да се обиде да излезе од организацијата, ќе биде жртва на притисоци за да се оддалечи од неговото семејство“, се наведува во обвинението.
Членовите на терористичката организација ФЕТО слепо му веруваат на својот водач Ѓулен и на надредените имами, па сите животни одлуки, како и скопувањето брак, им ги оставаат на нивната волја бидејќи ги сметаат за непогрешливи лидери кои секоја одлука ја донесуваат во интерес на организацијата ФЕТО.
„Верските верувања се користат како темел за дејствување внатре во организацијата ФЕТО, а верските вредности и принципи се интерпретираат и се приспособуваат на моменталните интереси и потреби на организацијата. Сите докази укажуваат на тоа дека станува збор за исклучително организирана мрежа којашто спроведува и софистициран вид на шпионажа“, се наведува во обвинението.
ФЕТО е терористичка организација позната и под името „Паралелна државна структура“ бидејќи во сите турски институции ги инфилтрирала своите поданици и со нивно посредство работела на рушењето на државниот поредок во земјата.
Во новото обвинение подигнато пред судот во Денизли се наведува дека токму тие членови во стратешки важните институции како војската, полицијата, судството и разузнавачките служби имаат посебна структура и софистициран начин на комуникација за да не бидат компромитирани.
Терористичката организација ФЕТО на 15 јули се обиде да изврши неуспешен обид за воен удар во Турција, по што Анкара од САД официјално побара привремено апсење и испорака на водачот на таа организација, Фетула Ѓулен, кој живее во Пенсилванија.