Fatih Çakmak,Sinan Uslu
18 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим денес отпатува за Елазиг, град во источна Анадолија, каде што утрово беше извршен терористички напад, јавува Anadolu Agency (AA).
Во придружба на Јилдирим се и началникот на Генералштабот на турските вооружени сили, генерал Хулуси Акар, министерот за одбрана Фикри Ишик, министерот за внатрешни работи Ефкан Ала, министерот за здравство Реџеп Акдаг и министерката за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан.
Премиерот на Турција претходно ги откажа сите планирани активности за денес во Анкара.
Најмалку тројца полицајци загинаа, а околу 170 лица се повредени во бомбашки напад на Дирекцијата на регионалната полиција што се случи утрово во турската покраина Елазиг, со активирање на автомобил-бомба од страна на припадниците на терористичката организација ПКК.
Според информациите од теренот, во силната експлозија загинале најмалку тројца полицајци, а меѓу 170-темина повредени, има и поголем број цивили.
Екипите на итната медицинска помош ги пренесоа повредените во најблиските болници, а меѓу повредените има поголем број кои се во животна опасност.
На местото на експлозијата создаден е длабок кратер, а поголема материјалната штета е причинета на објектите и возилата во близина на Дирекцијата на регионалната полиција.
На местото на утринскиот терористички напад, на тимовите коишто вршат увид им се придружи гувернерот на регионот Мурат Зорлуоглу, а турските безбедносни сили ги зајакнаа безбедносните мерки на тоа подрачје.