Sarp Özer
11 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
КРККАЛЕ(AA) – Министерот за одбрана на Република Турција, Фикри Ишик, кој денес ја зеде в раце првата национална воена јуришна пушка MPT-76, изјави дека присуството на турските војници во кампот Башика во Ирак е задолжително, и дека тие нема да го напуштат кампот сè додека регионот не биде во потполност исчистен од елементите на тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ишик присуствуваше на примопредавањето на првата национална јуришна пушка во Фабриката за машинска и хемиска индустрија (МКЕК), во турскиот град Крккале. Во таа пригода тој ја испроба модерната јуришна пушка, модел MPT-76.
На прашањето од новинар да ја прокоментира изјавата на амбасадорот на Ирак во Турција, кој изјави дека Турција по акцијата за ослободување на Мосул ќе се повлече од кампот Башика, Ишик потсети дека минатата недела во Ирак престојувал премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, и дека тоа е прва посета на Ирак на тоа ниво, во последните две години.
- Турција го почитува територијалниот интегритет на Ирак -
Тој изјави дека неговата земја го почитува територијалниот интегритет на соседството, правото на суверенитет и внатрешна структура.
„Во таа смисла, Турција никако нема да дозволи да дојде до каков било проблем во односите со Ирак. Како што претходно изјави и премиерот на нашата земја, военото присуство на турските сили во близина на Мосул, во местото Башика, е задолжително. Колку и да е важно чистењето на Мосул од терористичката организација ДЕАШ за Ирак, важно е и за безбедноста на Турција“, изјави Ишик.
Тој изјави дека и ирачката страна многу добро знае која била причината за престојувањето на турските војници во кампот.
„Турските војници кои се наоѓаат во кампот Башика даваат голем придонес кога е во прашање чистењето на регионот од терористите на ДЕАШ. До денес се неутрализирани над 700 терористи, а повеќе 6.000 лица се обучени за борба против ДЕАШ. Во таа смисла, примарна цел на кампот Башика е отстранување на терористите на ДЕАШ. Потоа следува преземање мерки за отстранување на сите терористички елементи, вклучувајќи ги ПКК/ПЈД“, изјави Ишик, и додаде дека кога комплетниот регион ќе биде исчистен во потполност од тероризмот, турската и ирачката страна повторно ќе разговараат за кампот Башика.
Тој повтори дека неговата земја има јасен став и дека тоа е зошто во потполност го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Ирак, и во согласност со тоа не треба да постои каков било сомнеж.
„Кога ќе го исчистиме ДЕАШ, повторно ќе седнеме и ќе го решиме ова прашање на пријателски начин. Турција во таа смисла нема никакви предрасуди. Ирак, исто така, не треба да има каква било грижа или сомнеж“, изјави Ишик.
- Турска модерна јуришна пушка MPT-76 -
Турција кој крајот на 2015 година започна со производство на сопствени, национални јуришни пушки, а модерната јуришна пушка со ознаки MPT-76, ја разви турскиот Институт за машинска и хемиска индустрија.
Првото производство на серијата од 20 илјади пушки ќе биде проследено директно до Турските вооружени сили. Доколку војниците дадат позитивен сигнал за користењето на домашното вооружување, ќе биде потврден договорот за испорака на другата серија на пушки. Во меѓувреме, новата надеж на турската пешадија дополнително ќе се усовршува.
Освен за потребите на турската војска, планирано е и производство на јуришна пушка MPT-76 за потребите на одбранбените сили на пријателските земји.