Hasan Esen,Abdullah Aşıran
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ХАГ (АА) - Победникот на општите избори во Холандија кои се одржаа вчера, со освоени 33 од вкупно 150 пратенички места во парламентот, е владејачката Либерална партија (VVD) на актуелниот премиер Марк Руте, јавува Anadolu Agency (AA).
За самостојно формирање на влада потребно е освојување на 76 пратенички места.
Радикално-десничарската Партија на слободата (PVV) на чело со Герт Вилдерс, со освоени 20 пратенички места се најде на второто место.
Излезноста на изборите, на кои учествуваа 28 политички партии со 1.114 кандидати, беше 82 отсто.
„По Брегзит и по победата на Трамп во САД, Холандија му кажа 'не' на погрешниот популизам. Сега кампањата е завршена. Треба да бидеме обединети и да формираме стабилна влада“, изјави Руте зборувајќи за изборните резултати.

По објавувањето на резултатите со изјава излезе и Вилдерс, кој истакна дека сакал да го победи Руте, но дека тоа за жал не се случило.
„Искрено, очекував повеќе гласови и можеше да има повеќе гласови“, изјави Вилдерс.
Тој додаде дека е подготвен на преговори доколку добие предлог за стапување во коалиција.
„Сакаме да бидеме во владата, но доколку не дојде до предлози, тогаш во наредниот период ќе се спротивставуваме уште поостро“, додаде Вилдерс.
Демократите 66 (D66) и Христијанската демократска партија (CDA) освоија по 19 пратенички места, додека Зелената левица (GL) освои 14 пратенички места.
Лабуристичката партија (PvdA) освои девет пратенички места, за разлика од 38-те места освоени на изборите во 2012 година.
Партијата ДЕНК, заштитник на муслиманската и турската заедница која првпат излезе на избори, освои 3 пратенички места.
Резултатите од изборите покажуваат дека ниту една партија не може самостојно да формира влада и дека е потребна коалиција од најмалку четири партии.
Официјалните резултати ќе бидат објавени на 21. март, по што ќе започнат преговори за формирање на коалиција.