Ekipa
08 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
КАБУЛ (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес ги повика Талибанците во Авганистан да влезат во мировни преговори со владата во Кабул, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим, по пристигнувањето во официјална посета на Авганистан, во палатата „Каср-е Сафаидар“ во Кабул, беше пречекан од страна на високиот авганистански претставник Абдула Абдула, претседателот на авганистанскиот Извршен совет.
Подоцна во своето обраќање на заедничка прес-конференција, турскиот премиер ја пофали понудата на авганистанската влада за мировни преговори со талибанците како многу храбар чекор.
„Мировниот процес, кој неодамна Авганистан го предложи со цел целосно решавање на прашањето со тероризмот во земјата, претставува многу храбар и значаен чекор“, изјави Јилдирим и додаде: „Главно, очекуваме дека талибанците ќе имаат корист од оваа историска можност. Сега е време да се тргнеме од минатото и да ја градиме иднината“.
Јилдирим исто така ја нагласи важноста на неодамнешната турнеја на пакистанскиот премиер Шахид Хакан Абаси на Кабул.
Турскиот премиер даде уверување дека Анкара ќе продолжи да го поддржува Авганистан во борбата против тероризмот и подобрувањето на билатералните односи на сите полиња, вклучувајќи ги трговијата и одбраната.
Високиот авганистански претставник ѝ се заблагодари на Турција за нејзината улога во обезбедувањето на мирот и за развојот во Авганистан, и додаде дека посетата на Јилдирим во Кабул дополнително ќе ги зајакне односите меѓу двете земји.
Турскиот премиер Јилдирим, подоцна во текот на денот, треба да се состане и со авганистанскиот претседател Мухамед Ешреф Гани.