Murat Paksoy
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), Бинали Јилдирим, денес во Истанбул на отворањето на „TRT World Forum“ изјави дека за мирот и безбедноста во светот е неопходно силните земји да соработуваат на принципите на „праведно однесување и добри намери“, и дека таквата соработка првенствено е потребна во борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Истанбул денес започна „TRT World Forum“, на кој учествуваат еминентни гости, со цел барање решенија за актуелните глобални проблеми и предизвици во областите на културниот, политичкиот, економскиот и социјалниот живот. Јилдирим на церемонијата за отворање на Форумот, чиј глобален медиумски партнер е АА, зборуваше за актуелните случувања, и меѓу останатотo, и за борбата против тероризмот.
„За да биде остварена целта на светот во кој сите ќе живеат во мир, благосостојба и безбедност, неопходно е силните земји да соработуваат на принципите праведно однесување и добри намери. Една од главните теми за кои е потребна соработка е борбата против тероризмот“, изјави Јилдирим.
Тој нагласи дека тероризмот никако не смее да се финансира, ниту да се обезбедува парична или помош со вооружување.
Тој нагласи дека болниот факт е што САД пружаат поддршка на терористичката организација ПЈД/ПКК.
„Оваа терористичка организација, ПКК, е одговорна за смртта на околу 35 илјади невини лица. За жал, таа денес на подрачјето на Сирија дејствува под името ПЈГ/ЈПГ“, изјави Јилдирим, и додаде:
„Навистина боли фактот што тие (терористите) таму дејствуваат врз основа на отворената и директна поддршка од САД, земја која ја сметаме за наш пријател и сојузник во НАТО. Таму се префрлаат илјадници камиони со вооружување, ракети и муниција. Кога ќе ги прашаме за тоа, одговорот на земјата која е наш пријател и сојузник е многу интересен: Ние со нив немаме стратешка, туку тактичка соработка. Соработката со терористичките организации не може да има никакво оправдување“.
Тој се осврна и на борбата против терористичката организација ФЕТО, на чело со Фетула Ѓулен, кој веќе со години престојува во сојузната американска држава Пенсилванија.
„Сè е јасно. Лицето одговорно за обидот за пуч во Турција е тоа лице. Ги имаме сите документи, информации, но нашите пријатели и партнери не преземаат ништо“, изјави Јилдирим, и постави прашање до американските официјални претставници зошто против Ѓулен не се започнува каква било истрага, или можеби се плашат дека зад сето тоа ќе излезе нешто друго.
Тој изнесе критики на сметка на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека резолуциите на СБОН за некои земји се само обврска.
„Колку резолуции поврзани за Ерусалим и Палестина усвои Советот за безбедност на ОН, кои Израел не ги почитува. Според вас, за некои земји тоа е обврска која ако не ја исполнат може да дојде до катастрофа, додека, од друга страна, за некои земји нема никакви проблеми. Добро, како тогаш луѓето да ги увериме во ваква организација и ваков систем?“, запраша Јилдирим.
Зборувајќи за Европската Унија, Јилдирим нагласи дека таа не е доволно активна кога станува збор за решавањето на меѓународни прашања.
„Денес гледаме една Европа која е повеќе затворена во себе, Европа која не се соочува со проблеми и која подига ѕидови. Имаме ЕУ која се води со принципот „змија која не ме допира нека живее илјадници години“. Пристапот на ЕУ кон актуелните проблеми во светот е далеку од пронаоѓање решение“, нагласи Јилдирим.