Tuba Şahin
03 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, денес изјави дека ситуацијата во Турција во однос на инфлацијата е значително подобрена, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Го оставивме најлошото зад нас, септември беше најлош месец во однос на очекувањата за инфлацијата“, изјави Берат Албајрак за информативниот канал НТВ (NTV).
Албајрак рече дека трендот на пораст на инфлацијата ќе го смени курсот по октомври, со што стапката на инфлација ќе се приближи до целите на Турција.
Денес „ТуркСтат“ објави дека годишната инфлација во Турција во месец септември достигнала 24,52 отсто, што е пораст од постоечките 17,90 отсто во август.
На месечно ниво, цените за потрошувачите се зголемија за 6,30 отсто.
Според новата економска програма на земјата претставена на 20 септември, целната инфлација за оваа година изнесува 20,8 отсто, 15,9 за следната година, 9,8 за 2020 и 6 отсто за 2021 година.
Министерот Албајрак истакна дека земјата ги избегна шпекулативните напади спроведени преку девизниот курс и прашањата во однос на ликвидноста во банкарскиот сектор.
„Со мерките за поддршка што ги применивме, гледаме одредени сигнали поради што ќе продолжиме со посигурни, поконкретни и пореални чекори“, нагласи Албајрак.
Тој рече дека бројките се предизвикани и од шпекулативните пристапи кон цените во земјата.
„Како што спомнавме во нашата нова економска програма, ќе поставиме конкретна програма за целосна борба против инфлацијата.“
„Ќе започнеме со меѓусебни секторски и дијалози базирани на групи и ќе ги откриеме рамките за тоа, најверојатно следната недела“, рече турскиот министер за трезор и финансии Берат Албајрак.