Tolga Albay
11 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ИЗМИР (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес во западниот турски град Измир порача дека земјата го зголемила процентот на домашни производи во одбранбената индустрија од 24 на 65 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дали сте размислувале за тоа зошто толку ја напаѓаат Турција? Сите ја напаѓаат Турција и Реџеп Таип Ердоган затоа што Ердоган го зборува она што треба да се зборува, а тоа е дека денес во регионот постои Турција. Турција тоа порано не можеше да го каже, бидејќи немаше сила. Нејзините можности и способности беа ограничени. Но, фала му на Бога, денес зборуваме за Турција којашто во одбранбената индустрија го зголеми процентот на домашни производи од 24 на 65 отсто“, истакна Јилдирим.
Тој нагласи дека Турција мора да биде силна, а за да биде силна, мора да ги отстрани препреките.
„Ние работиме веќе 15 години, направивме многу. Нема потреба да се биде скромен. Сега ќе ги отстраниме сите препреки една по една“, изјави Јилдирим.
Тој се осврна и на терористичките организации ФЕТО, ПКК, ДХКП-Џ, кои, како што истакна, на сите можни начини во странство вршат пропаганда за да се гласа со „не“ на претстојниот референдум за уставни промени.
„Правете го тоа колку сакате. Но, вие сѐ уште не го знаете овој народ, кој на референдумот во недела ќе го даде својот вистински одговор“, порача Јилдирим.