Övünç Kutlu
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Американската технолошка фирма „Епл“ е близу до финализирање на договорот со јужнокорејската автомобилска групација „Хјундаи-Киа“ за проектот за автономно електрично возило, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението објавено доцна синоќа, производителот на „ајфон“ планира наскоро да произведе „епл кар“ во Северна Америка заедно со моќниот производител на автомобили, но бара да се контролира проектот од софтвер до хардверските барања, инсистирајќи на тоа да се заснова на технологијата на „Епл“.
Производството на автономното електрично возило можно е да започне во 2024 година во фабриката на „Киа“ во Вест Поинт, во американската сојузна држава Џорџија, според „Си-ен-би-си“ (CNBC).
Сè уште не е склучен финален договор меѓу двете компании, а „Епл“ може да избере и друг производител на автомобили за проектот, се додава во веста.
Групацијата „Хјундаи-Киа“ е трет најголем производител на возила во светот според обемот на производство, зад јапонската „Тојота“ и германската групација „Фолксваген“.
За „Хјундаи-Киа“, заедничкиот проект со „Епл“ би го зајакнал знаењето на полето на производство на автономно возило во иднина.
Што се однесува до „Епл“, проектот ќе ја турне технолошката компанија на светскиот пазар на автомобилската индустрија, вреден околу 10 билиони долари.
„Епл“ во моментов има удел од приближно една третина на светскиот пазар на паметни телефони вреден 500 милијарди долари.
Според извештајот на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) од мај 2020 година, бројот на електрични возила се предвидува да се зголеми од 8 милиони во 2019 година на над 1,1 милијарда до 2050 година.