Ata Ufuk Şeker
20 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската вселенска агенција (ЕСА) соопшти дека за истражување на планетата Меркур, во рамките на мисијата „БепиКоломбо“, развиено е вселенско летало, кое со ракетата „Ариан 5“ од Француска Гвајана е лансирано во Земјината орбита, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се вели дека вселенското летало кое е развиено од страна на ЕСА во партнерство со Јапонската агенција за вселенски истражувања (ЈАКСА), успешно е лансирано, и се додава дека станицата за набљудување што се наоѓа во Германија, почнала да прима сигнали од вселенското летало.
Мисијата „БепиКоломбо“, со буџет од околу 1,6 милијарда евра, има за цел да собере детални информации за планетата Меркур и за Сончевиот систем, информации кои не можат да се обезбедат преку набљудувања од Земјата.
- Ќе пристигне на Меркур за 7 години
Мисијата планира вселенското летало да пристигне на планетата Меркур за 7 години.
Вселенското летало кое е развиено во рамките на мисијата „БепиКоломбо“, се планира да измине пат од 9 милијарди километри. Во себе носи два научни сателита, еден европски и еден јапонски.
Се предвидува, по пристигнувањето на вселенското летало на планетата Меркур во 2025 година, да дојде до одвојување на двата сателита еден од друг. Јапонскиот сателит ќе го следи магнетното поле и влијанието на Сонцето врз него, додека европскиот сателит се планира да направи прецизно мапирање (исцртување) на картата од површината на Меркур и да собере информации за површинската структура на оваа планета.
Дијаметарот на Меркур, која е планета поставена најблиску до Сонцето, изнесува 4.880 километри. Температурата на површината на Меркур се движи од минус 180 до плус 450 степени Целзиусови. За да направи еден круг околу Сонцето, на Меркур му се потребни 88 дена.
Од друга страна, дел од научниците за вселената сметаат дека самото испраќање вселенско летало на Меркур е многу тешко поради близината на Меркур до Сонцето, и истакнуваат дека мисијата „БепиКоломбо“ е еден од најтешките проекти.