Hüseyin Erdoğan
15 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
ГАЗА (АА) - Палестинците Џамал ал-Мигати и Калид ал-Бардавил, студенти по инжинерство на универзитетот Ал-Азхар во Газа, го изградија првиот автомобил на соларен погон во таа палестинска енклава која Израел ја држи под блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинските студенти направија соларен автомобил во рамките на нивниот дипломски проект.
Ал Мигати истакна дека креирањето на ваков автомобил била исклучително тешка задача.
„Поради економски проблеми, немавме вистински делови туку моравме да импровизираме. Користевме делови од други возила, а некои ги направивме сами”, изјави студентот.
Тој појасни дека автомобилот може да се движи четири часа без сончева светлина.
Автомобилот, кој е тежок 200 килограми, е со вредност од 2.000 американски долари, а развива брзина од 35 километри на час.
Младите момчиња истакнуваат дека возилата на соларен погон се добра идеја за подрачјето на Појасот Газа поради недостаток на нафта како и поради високите цени на горивото.