Aldıjana Hadzıc
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
КАИРО (АА) - Продолжуваат ископувањата во источниот дел на Каиро, главниот град на Египет, каде што минатата недела се пронајдени две статуи од фараон од стар Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
Археолошкиот тим сѐ уште ги извлекува деловите од статуата за која се претпоставува дека е од египетскиот фараон Рамзес II.
Да потсетиме, министерот за антиквитети на Египет, Калед ал-Анани, минатата недела изјави дека при ископувањето во Аин Шамс, во близина на храмот на Рамсез II, египетските и германските археолози пронашле две статуи на фараони од 19. династија (1292 – 1190 п.н.е) што владеела со стар Египет.
Во таа пригода, шефот на Институтот за антиквитети на Египет, Махмуд ал-Афифи изјави дека едната статуа е од фараонот Сети II, кој со стар Египет владеел во периодот 1200 – 1194 година пред новата ера. Исто така, тој додаде дека статуата на фараонот Сети II е направена од варовник и дека се многу јасни цртите од лицето на фараонот.
За другата статуа, за која се претпоставува дека му припаѓа на Рамзес II, Ал-Афифи истакна дека е пронајдена во состојба на распаѓање. Статуата инаку е долга осум метри и е направена од кварцит.