ИСТАНБУЛ (АА) - Двата големи земјотреси во Туркије го привлекоа вниманието на научниците, експерти за тектонски катастрофи, пишува Анадолу.
Експертите и научниците се согласуваат дека земјотресите беа екстремно силни, со големина на магнитуди што ретко се случуваат, а зградите недоволно отпорни за да го издржат потресот.
Туркије, за жал, претрпе исклучително ретки природни катастрофи. Има низа научни причини зошто земјотресите беа толку деструктивни.
Според Бил МекГир, професор по геофизички и климатски опасности на Универзитетскиот колеџ во Лондон, земјотресите биле толку силни бидејќи немало поголем потрес во зоната на Источноанадолискиот Расед долго време, бидејќи не се случил толку силен земјотрес повеќе од 200 години.
„Ова овозможи раседот да акумулира сила многу долго, па ненадејното нејзино ослободување на 6 февруари генерира огромно количество енергија и предизвика силен потрес. Друга причина за јачината на потресите се нивната плиткост, што значи дека многу повеќе од ослободената сеизмичка енергија стигнува до површината“, изјави Мекгир за Анадолу.
Ијан Мејн, професор по сеизмологија и физика на Универзитетот во Единбург, рече дека има неколку фактори кои довеле до огромната разорност на земјотресите во Туркије.
„Прво, има настани со многу големи магнитуди. Тоа го отежнува дизајнирањето градби кои ќе можат да ги издржат силните потреси кои произлегуваат.“
„Второ, природата на местото, како што е дебелиот слој од лабав седимент, може да го засили движењето на тлото под темелите. Ова е особено опасно за високите згради. И трето, самите згради се високо ранливи на такви потрeси“, изјави за Анадолу.
Геологот од Пакистан, д-р Садаф Насим, истакна други фактори кои доведоа до големата деструкција во јужна Туркије: интензитетот и длабочината.
„Беше плиток земјотрес, со длабочина од 17 километри, што е многу плитко“, рече Насем, кој е и доцент на Универзитетот во Карачи.
„Туркије е тектонски активна зона. Колку повеќе енергија се акумулира, толку повеќе потреси се случуваат. Колку повеќе енергија се складира на мала длабочина, толку поголемо уништување предизвикува.“
„Да беше пуста, ненаселена област, немаше да има толку многу жртви“, изјави д-р Насем.
Според податоците, со утринава регистрирани се најмалку 18.000 загинати и 74.000 повредени во двата силни земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Туркије. Земјотресот се случи во раните утрински часови додека луѓето спиеја.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во турската јужна област Кахраманмараш, погодија 10 турски области - Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа – каде што живеат над 13 милиони луѓе.
- Поголем и посилен од земјотресот во август 1999 година -
Доган Калафат, вонреден професор при Опсерваторијата „Кандили“ и Институтот за истражување на земјотреси при Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул рече: „Ова е земјотрес поголем и посилен од земјотресот на 17 август“, мислејќи на земјотресот во регионот Мармара што ја погоди северозападна Туркије на 17 август 1999 година, во кој загинаа над 17.000 луѓе.
„Забрзувањето во споредба со земјотресот од 17 август е четирипати поголемо. Има вредности на забрзување двојно поголеми од силата на Земјината гравитација“, додаде Калафат.
Јужна Туркије во понеделникот беше погодена и од втор земјотрес по помалку од 12 часа по првиот, кој е предизвикан од првата катастрофа, според Ијан Мејн:
„Вториот ќе се случеше во одреден момент во иднина. Едноставно го доведе својот тајминг порано поради трансферираниот притисок и тресењето на тлото предизвикано од првиот.“
- Енергијата ослободена при земјотресите околу 2.000 пати поголема од атомската бомба фрлена врз Хирошима -
Брус Маламуд, професор по природни и еколошки опасности при Колеџот „Кингс“ во Лондон, со бројки претстави дека енергијата од првиот земјотрес била огромна и ја спореди со големината на атомската бомба фрлена на Хирошима, Јапонија.
„Земјотрес со јачина од 7,8 степени ослободува околу 3 милијарди килоџули, или енергија што се ослободува при земјотреси 2.000 пати поголема од големината на бомбата фрлена во Хирошима“, изјави за Анадолу.
„Друг начин да се спореди ослободената енергија, според одредени проценки, е количеството електрична енергија што Туркије ја користи во текот на 13 дена“, рече Брус Маламуд.
Д-р Садаф Насим истакна дека геологијата на подрачјето укажува дека постои голема шанса други земјотреси да ја погодат истата област, бидејќи регионот е сеизмички активен.
„Главно, Туркије се наоѓа на Анадолската Плоча, со Арапската Плоча на едниот крај и Евроазиската Плоча на другиот. И двете плочи континуирано ја притискаат Анадолската Плоча, поради што Туркије има историја на земјотреси со висок интензитет.“
Бил МекГир, исто така, се согласува со Насим за можноста од други земјотреси во блиска иднина, додавајќи дека земјотресите во Туркије директно се почувствувани до Египет, Грција и Русија.
„Сеизмичките бранови секогаш патуваат низ и околу планетата, поради што глобалниот систем на сеизмометри може точно да ја одреди локацијата на земјотресот“, додаде тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
