Zuhal Demirci
02 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
АНКАРА (АА) – ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -
Меѓународното здружение за заштита на природата (IUCN) предупреди дека на повеќе од 30 илјади видови од живиот свет им се заканува исчезнување, пишува Агенција Анадолија (АА).
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) го прогласи 3 март за Светски ден на дивиот свет во сесија одржана на 20 декември 2013 година, за да привлече внимание на уникатните вредности на дивиот свет и животната мрежа изградена околу неа.
Минатата година, според податоците ИУЦН, на повеќе од 26 илјади видови им се заканува исчезнување, а оваа година бројката е зголемена на повеќе од 30 илјади.
Според Црвената листа, објавена од Меѓународното здружение за заштита на природата, видовите живи свет на кои им се заканува исчезнување се: 41 отсто од водоземците, 34 отсто од четинарите, 33 отсто од коралните гребени, 25 отсто од цицачите и 14 отсто од птиците.
Меѓународното здружение за заштита на природата, кажувајќи дека секоја година се зголемува бројот на видовите жив свет на кои им се заканува исчезнување, потенцира дека биодиверзитетот постепено се намалува.
Глобалното затоплување, нелегалното ловење и намалувањето на живеалиштата се меѓу причините поради кои на голем број живи суштества им се заканува исчезнување.
Другите ризик фактори се убивањето на загрозени видови животни од страна на групите на организиран криминал, кои продаваат нивни делови, како и нелегалната трговија со домашни миленици.
- Целта е до крајот на годината да се категоризираат најмалку 160 илјади видови жив свет -
Во рамките на индексот Црвена листа, ИУЦН до денес има испитано 112.400 животни, растенија и печурки, а до крајот на годината има за цел да категоризира најмалку 160 илјади од живиот свет.
Експертите исто така посочуваат дека дивиот свет, кој игра важна улога во екосистемот, мора да се сочува за да се одржи природната рамнотежа на светот.
Тие предупредуваат дека намалувањето на разновидноста на дивиот свет ќе има големо влијание врз луѓето, посочувајќи дека ова може дури и да доведе до конфликти.