ВАШИНГТОН/БЕРЛИН (АА) - Со оглед на тоа што пандемијата на коронавирусот ја зголеми побарувачката за онлајн услугите, особено блокчејн и крипто средствата, големите компании кои бараат нови методи за да заработат пари сега се подготвуваат да го „освојат“ физичкиот свет преку она што го нарекуваат „метаверзум“.
Концептот на метаверзум се појави со инвестициите вредни милијарди долари од фирми како „Фејсбук“, „Мајкрософт“, „Роблокс“ и „Епик“, и се смета за следното ниво на интернетот.
Преку метаверзумот, компаниите сакаат да понудат нов фиктивен универзум до кој ќе може да се пристапи преку интернет.
Со интезивирањето на работата на далечина, растеше и побарувачката за пореална онлајн интеракција.
Луѓето можат да купуваат, да се претплатат за разни услуги, да работат со колегите и да играат игри со другите преку 3Д-универзумот на Метаверс.
Метаверс им овозможува на луѓето да влезат во дигиталниот свет, рефлектирајќи ги холограмите на нивните сопствени тела на други места.
Овој вид универзум е виден во програми, игри и филмови како „Matrix“, „Pokemon Go“, „Minority Report“ и „Black Mirror“.
Менаџерите на Фејсбук, кој го промени своето име во Мета, го дефинираат метаверзумот како средина каде што луѓето можат да се чувствуваат како да се заедно додека играат игри или истражуваат.
Марк Закерберг, извршниот директор на Фејсбук или Мета, рече дека неговата компанија ќе биде метаверзум фирма во рок од пет години наместо компанија за социјални мрежи.
Тој нагласи дека луѓето не само што ќе бидат онлајн на платформите туку ќе живеат, работат и ќе играат видеоигри на платформите.
Фејсбук објави дека ќе вработи 10.000 луѓе во Европа за изградба на својот метаверс универзум.
Компанијата, која ги поседува и „Ватсап“, „Инстаграм“ и „Месинџер“, има за цел да биде клучен играч во новиот интернет свет.
- Следната генерација на интернетот -
Туонг Х. Нгујен, главен аналитичар во технолошката фирма „Гартнер“, рече дека метаверзумот е доследна и имерзивна дигитална средина на независни, но сепак меѓусебно поврзани мрежи кои ќе користат протоколи за комуникација што допрва ќе треба да се утврдат.
„Тоа ќе овозможува постојана, децентрализирана, колаборативна, интероперабилна дигитална содржина што се вкрстува со содржината на физичкиот свет во реално време, просторно ориентирана, и со индексирана содржина“, нагласи тој.
„Метаверзумот е пример за комбиниран тренд во кој неколку индивидуално важни, дискретни и независно еволуирачки трендови и технологии се во интеракција за да доведат раст на друг тренд“, рече Нгујен.
Викторија Петрок, аналитичарка за нови технологии, вели: „Метаверс има повеќе различни дефиниции. Сега е малку помодарски збор, но јас го сметам за следна генерација на интернетот.“
„Заедничка виртуелна 3Д-средина до која може да се пристапи преку интернет и која ќе им овозможи на корисниците беспрекорно да се движат помеѓу различни меѓусебно поврзани виртуелни простори каде што (преку нивните аватари или друго дигитално себепретставување) можат да се среќаваат и да комуницираат, да купуваат, да работат, соработуваат, да се забавуваат и играат видеоигри“, рече таа.
Петрок нагласи дека во метаверзумот сите различни засебни дигитални платформи што постојат сега теоретски ќе се спојат и ќе бидат достапни преку сет за виртуелна реалност, АР-очила, апликации за паметни телефони или други уреди што допрва ќе се измислуваат.
„Во метаверзумот, луѓето ќе ги живеат своите виртуелни животи паралелно со нивниот нормален живот преку дигитални „двојници“ (допелгангери) – со можност за спојување на овие животи, или не“, додаде таа.
Истакнувајќи дека основниот концепт на метаверзумот постои долго време, таа рече дека пандемијата ги забрзала напорите за негово развивање.
„Физичките ресурси во моментов се конечни, но дигиталните може да бидат бесконечни“, порача Петрок.