Ivana Ramadanova
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот центар за култура и развој денеска во Скопје одржа конференција на темата „Превенција од насилство за време на парламентарните избори 2016“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според раководителот на проектот, Нелко Нелковски, иако беа поканети, политичките партии денеска не се појавија за да го потпишат Кодексот за превенција од насилство за време на парламентарните избори 2016 година, со образложение дека денеска е последен ден за пријавување на кандидатските листи за пратеници и дека немаат време да го потпишат.
Нелковски појасни дека Кодексот се состои од пет принципи: мир, ненасилство, комуникативност, соработка и позитивно дејствување. Тој додаде дека партиите-потписнички се обврзуваат да го почитуваат Кодексот за мирен изборен процес на престојните парламентарни избори на 11 декември, во периодот пред одржувањето на изборите, за време на кампањата, на изборниот ден, и по завршување на изборите, и да го отфрлат и да го осудат секое насилство.
„Покрај тоа, се обврзуваат да споделуваат информации кои се од значење за граѓаните вклучени во парламентарните избори, како и за соработка со државните институции, сите политички партии, невладини организации и меѓународните организации вклучени во изборниот процес, во насока на превенција од насилство на изборите“, вели Нелковски.
На денешната коференција само беше претставен Кодексот и неговото значење. Политичките партии потпишуваат Кодекс за ненасилство пред секој изборен процес. Оваа година, изборниот процес ќе биде под засилен надзор, што остава помал простор за насилство.