Американскиот потпретседател го повика Гренланд да ги прекине врските со Данска од безбедносни причини
- Во продолжение на притисоците да го преземат Гренланд, потпретседател на САД, Џеј Ди Венс, тврди дека Данска не инвестира во одбраната на островот, а дека САД ќе го почитуваат суверенитетот на Гренланд.

ЊУЈОРК (АА) - Продолжувајќи со контроверзниот притисок на САД за преземање на Гренланд, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги повика властите на островот да ги прекинат историските врски со Данска и наместо тоа да бидат партнери со САД, обвинувајќи го Копенхаген за недоволно инвестирање во Гренланд, пренесува Анадолу.
За време на кратката посета на оддалечената американска база Питуфик на северот на Гренланд, Венс синоќа изјави дека САД се единствената нација на Земјата која ќе го почитува суверенитетот на граѓаните на Гренланд и нивната безбедност, објави Би-Би-Си.
„Вие недоволно инвестиравте во народот на Гренланд и премалку инвестиравте во безбедноста на оваа неверојатна, прекрасна копнена територија“, им порача тој на данските власти, без да прикаже докази за своите тврдења.
Венс го скрати своето патување откако се појавија информации дека ќе се соочи со протести доколку посети повеќе јавни места на Гренланд.
Придружуван од американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и министерот за енергетика Крис Рајт, Венс рече дека САД во моментов немаат планови да го зголемат своето присуство на војници на островот, но ќе ангажираат повеќе ресурси, вклучувајќи поморски бродови и мразокршачи.
На ниски температури до минус 19 Целзиусови степени, посетата на Венс траеше само неколку часа, но неговите изјави наидоа на силни реакции.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека посетата го одразува недостатокот на почит кон гренландскиот народ.
Мете Фредериксен, премиерката на Данска, ги отфрли обвинувањата, велејќи дека нејзината земја значително ги зголемила трошоците за одбрана на Арктикот, вклучувајќи нови системи за надзор, беспилотни летала со долг дострел и бродови.
„Многу години стоевме рамо до рамо со Американците. Затоа, не е во ред начинот на кој потпретседателот зборува за Данска“, порача Фредериксен.
Гренланд управува со сопствените внатрешни работи од 2009 година, додека Копенхаген ја задржа контролата врз надворешната и одбранбената политика.
Анкетите покажаа огромно противење на јавноста на евентуалната американска анексија на Гренланд.
Граѓаните на Гренланд изразија загриженост поради интересите на Вашингтон.
Претседателот Доналд Трамп во Вашингтон изјави дека преземањето на Гренланд е од клучно значење за „меѓународната безбедност“, истакнувајќи го присуството на кинески и руски бродови во близина на пловните патишта.
„Мораме да го имаме Гренланд“, изјави американскиот претседател во неколку наврати откако во јануари ја презеде претседателската функција во Белата куќа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.