Admir Fazlagic
20 Август 2018•Ажурирај: 21 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на покана на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, од денеска до 22 август, ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, покрај средбата со државниот секретар Помпео, предвидени се и средби на министерот Димитров со високи претставници на американската администрација - Советот за национална безбедност, Стејт департментот, Конгресот, како и со претставници на невладини организации и други институции во Вашингтон.
Посетата на министерот за надворешни работи Димитров во САД се случува во пресрет на референдумот во Македонија, закажан за 30 септември оваа година.
Референдумот е дел од Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство во НАТО и отворање преговори со ЕУ.