Husamedin Gina
11 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) – Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, соопшти дека разговарал со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, за парламентарните избори во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На својот профил на Твитер тој објави дека во разговорите била нагласена важноста на одржувањето слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија.
„Вечерва разговарав со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со цел да се нагласи важноста на слободните, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување“, напиша Оливер Вархеји.
Инаку, Владата на Република Северна Македонија на денешната 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес.
Владата соопшти дека со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија е должна да ги превземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.
Потсетуваме, поради пандемијата на коронавирусот во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април, а политичките партии сè уште не постигнаа договор за нов датум за избори.