ХЈУСТОН
Во САД денес се одржува комеморација за жртвите од стравичниот терористички напад што се случи на 11 септември 2001 година. Тој датум останува важен, но по тој настан, длабоко во американското општество влезе проблемот на исламофобијата, што го отежнува животот на американската муслиманска заедница, известува Агенција Анадолија (АА).
„Муслиманите сѐ уште се цел на омраза, малтретирање, дискриминација како резултат на стереотипите што ги одржуваат исламофобите и медиумите во годините по 11 септември“, рече Хусам Ајлуш, извршниот директор на огранокот на Советот на американско-исламски односи во Лос Анџелес (CAIR-LA).
Тој истакна дека организациите, како што е CAIR, потпомогнале да се направат огромни чекори во спротивставување на наративите што ги одржуваат организациите и поединците кои имаат корист од исламофобијата, но дека сѐ уште постојат дезинформации кои поттикнуваат омраза што се шири на интернет.
„Овие дезинформации потоа можат да продолжат внатре во школскиот курикулум кој не е правилно проверен, на работните места и внатре во владината политика. Како резултат на тоа, 21 година по нападот, муслиманите сѐ уште се соочуваат со закана од насочено насилство и работат на ширење на наративот за муслиманите кои се автентични и точни, со цел да се спротивстават на ширењето на дезинформации“, рече Ајлуш за Агенција Анадолија (АА).
Според статистичките податоци на американскиот ФБИ, злосторствата од омраза кон муслиманите нагло пораснале по 11 септември.
Ајлуш појасни дека по нападот дошло до совршена бура на американскиот народ и неговата влада, повеќемилионска индустрија на исламофобија, воено-индустриски комплекс и растечката закана на белечкиот национализам, на кој му бил потребен заеднички непријател.
„Овие фактори во комбинација создадоа променливо опкружување за муслиманите и за сите останати кои се доживуваат како ‘други’. Жалосна реалност е дека постојат луѓе и организации кои имаат корист од продолжувањето на исламофобијата, нетрпеливоста и војната“, рече Ајлуш.
Исламофобијата, која се дефинира како несакање на исламот или муслиманите или предрасуди кон нив, и понатаму е присутна во САД.
„Шеесет и два проценти од муслиманите изјавија дека чувствуваат непријателство базирано на вера од страна на други луѓе, а 65% дека чувствуваат непочитување. Тоа е речиси трипати поголем процент отколку што е меѓу христијаните“, рече Захра Џамал, помошничка на директорот на Институтот „Boniuk“ за верска толеранција на Универзитетот „Рајс“ во Хјустон, повикувајќи се на студиите на овој универзитет од август 2022 година.
„Евреите (60,7) и муслиманите (61,7) имаат веќе двапати поголема веројатност отколку христијаните и возрасните Американци да кажат дека биле изложени на вербални навреди поради верата. И двете групи почесто ќе пријават дека им се заканувале со физичко насилство, дека ги бркале или ги следеле, или дека домот им бил вандализиран поради верата. Кај нив е застапена и поголема стапка на физички напади или оштетување на имотот поради религијата“, рече Џамал за Агенција Анадолија.
- Ефектот на Трамп
Џамал истакна дека бројките поврзани со дискриминацијата на муслиманите се алармантни и дека покажуваат колку исламофобијата се зголемила во САД во последните неколку години.
„За муслиманите, резултатите на индексот на исламофобија се зголемија од 18 во 2018 година на 26 во 2022 година. Интернализација на исламофобијата е честа меѓу младите муслимани, кои се соочиле со антимуслимански практики во популарната култура, вестите, социјалните мрежи, политичката реторика и политиката. Тоа негативно влијае на нивната слика за себе и на менталното здравје“, рече Џамал.
Меѓутоа, од Советот на американско-исламски односи во Лос Анџелес (CAIR-LA) посочија дека таа статистика не е изненадувачка, имајќи ја предвид моменталната нестабилна политичка клима во САД што ја одржуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп во текот на својот мандат.
„Администрацијата на Трамп се постави како антимуслимански фанатик. Тој направи општествено да биде прифатливо да се биде отворено антимуслимански настроен. Покрај тоа што постојано реобјавуваше антимуслиманска реторика на исламофобичните ентитети од својот трајно суспендиран профил на Твитер, даваше и повеќекратни ксенофобични коментари и политики за муслиманските имигранти и бегалци. Неговата администрација ја туркаше напред антимуслиманската политика, со многу малку обѕир кон нивната дискриминаторска намера“, рече Ајлуш.
Тој додаде дека Трамповата забрана за влез во САД за неколку муслимански нации е еден од најеклатантните примери на неговата исламофобична практика.
„Иако актуелната администрација на САД ја укина таа забрана, сѐ уште се носиме со последиците од тоа, бидејќи голем број семејства сѐ уште се раздвоени“, додаде Ајлуш.
Постои листа на невистини кои ја мачат муслиманската заедница поради 20 и повеќегодишната исламофобија по 11 септември, но од Советот на американско-исламски односи во Лос Анџелес (CAIR-LA) нагласија за еден стереотип кој најтешко влијае врз муслиманската заедница.
„Најочигледна невистина која произлегува од одговорот на нападите на 11 септември е идејата дека муслиманите на некој начин се повеќе склони кон насилство од другите групи и религии. Оваа опасна и неточна идеологија прикажува повеќе од 2 милијарди следбеници на исламот на начин кој на крај ги дехуманизира. Што е уште полошо, тоа доведе до владина политика и практика на спроведување закони кои ја надгледуваат муслиманската заедница“, истакна Ајлуш.
И Џамал наброи низа стереотипи кои преовладуваат кон муслиманите во САД, вклучувајќи го и тоа дека муслиманите ги дискриминираат жените, дека се непријателски настроени кон САД, непријателски настроени кон Евреите и христијаните, дека се помалку цивилизирани од другите луѓе, дека се делумно одговорни за актите на насилство што ги вршат други муслимани, дека се обидуваат да го заменат Уставот на САД со шеријат и дека се против верските слободи.
- Менување на наративот
„Исламофобијата не постои во вакуумот. Муслиманите, за жал, не се ниту прва, а за жал, нема да бидат ниту последна група која се соочува со омраза и дискриминација во САД. Нашата земја има долга историја на дехуманизација и маргинализација на различните етнички и верски групи, било тоа да е насочено кон црнците, домородците, Евреите, азиско-американските жители на пацифичките острови или други заедници“, рече Ајлуш.
Тој нагласи дека единствен начин за борба против исламофобијата, стереотипите и дискриминацијата по 11 септември е општеството во целост да се соочи со тоа.
„Важно е луѓето, кои го одржуваат расизмот, нетрпеливоста и ксенофобијата, да се држат одговорни за нивните зборови и дела на омраза во сите сектори, било тоа да е на граница, на аеродром, од страна на полицијата или политичарите. Клучно е и да продолжиме да се бориме против институционалниот расизам и да градиме муслиманска политичка моќ за влијание на политиката и законите, како и да работиме на решавањето на исламофобијата на државно и конгресно ниво“, истакна Ајлуш.
Ширењето на свеста и промовирањето на образованието е клуч за помош на Американците за подобро да ја разберат различноста на муслиманската заедница во светот по 11 септември.
„Учејќи и признавајќи ја историјата на нашата земја и нејзиниот недостаток за прифаќање и толеранција, сите можеме да работиме на измена на наративот“, додаде Ајлуш.
Тој рече дека е многу важно да се запомни дека делата на нетрпеливост не се однесуваат само на оние што ги извршиле, туку дека и реакцијата на секој поединец или заедница на нив станува одраз на нацијата.
news_share_descriptionsubscription_contact


