Ivana Ramadanova
21 Јули 2016•Ажурирај: 22 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Словенецот Самуел Жбогар официјално е новиот амбасадор на ЕУ што ќе го претставува Брисел во земјава. Жбогар доаѓа на местото на Аиво Орав чиј мандат како шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија истече летово, јавува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, синоќа назначи 17 нови евроамбасадори, вклучувајќи го и Самуел Жбогар. Словенечкиот дипломат во моментов раководи со мисијата на ЕУ на Косово и се смета за добар познавач на ситуацијата во регионот. Неофицијално, Жбогар ќе ја преземе мисијата во Скопје на почетокот од септември.
Тој во својата 22-годишна кариера како дипломат, вклучен е во сите поголеми политички проекти на словенечката надворешна политика.
Жбогар веројатно нема да ја има двојната функција шеф на ЕУ-делегација и специјален претставник на Унијата, која досега ја имаше на Косово, туку само ќе биде амбасадор на Унијата во Македонија.
За да биде специјален претставник, треба да биде избран и во Европскиот совет, за што нема волја кај дел од земјите-членки на Европската Унија, па останува само да го наследи Естонецот Орав. Аиво Орав, пак, заминува за амбасадор на ЕУ во Подгорица, Црна Гора.