İnci Gündağ
21 Март 2016•Ажурирај: 22 Март 2016
ЛОНДОН (AA) – Шефот на британската дипломатија Филип Хамонд најостро ја осуди Русија поради анексијата на Крим, која ја оценува како грубо кршење на меѓународното право поради што повика тој полуостров повторно да се и се врати на Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето за медиумите по повод втората годишнина од руската анексија на Крим, британскиот министер за надворешни работи Хамонд истакна дека рускиот претседател Владимир Путин пред две години потпиша документ со кој Крим го спои со Русија и со тоа ги прекрши меѓународните норми.
Хамонд тврди дека руската анексија на Крим е изведена под плаштот на илегален и неправомоќен референдум кој е одржан на тој полуостров, а дека тој процес му послужи само како параван за "присвојување" на туѓа територија.
„Со присвојување на украинската територија на Крим, Русија предизвика дестабилизација на истокот на Украина и со грубо кршење на територијалната целовитост и суверенитетот на Украина го загрози целиот меѓународен поредок. Тоа е неприфатлив чин и поради тоа ќе го задржиме нашиот одлучен став и санкциите кон Русија. Нашиот став е јасен, никогаш нема да ја признаеме руската анексија на Крим", заклучи Хамонд.
Проруските сили на Крим кон средината на март, 2014 година, одржаа референдум на кој е изгласано припојување на тој украински полуостров на Русија. Референдумот не го призна Генералното собрание на Обединетите нации.